Откриени остатоци од желка без оклоп стара 228 милиони години

Научниците биле шокирани од фактот дека иако телото на оваа праисториска желка е речиси кружно, нејзините ребра не се развиле за да формираат оклоп. Откриените фосилизирани остатоци на праисториската желка без оклоп, покажуваат дека оваа желка живеела пред 228 милиони години.

Научниците од Институтот за палеонтологија на рбетници и палеоантропологија во Кина, велат дека ова животно е всушност нешто што личи на примитивна желка со беззабен клун, и без оклоп.

„Ова животно е долго 1,8 метри, има чудно тело кое наликува на диск, долга опашка и чуден клун“, вели палеонтологот Оливер Рајпел, еден од ко-авторите на научниот труд објавен во списанието Nature.

Новооткриениот вид го добил името Eorhynchochelys sinensis, што значи “клунеста желка”. Научниците се надеваат дека ова откритие ќе помогне подобро да се разбере потеклото на желките.

Анализата на черепот им помогнала на палеонтолозите да решат уште една мистерија поврзана со еволуцијата на желките. Имено, долги години не било јасно дали предците на желките биле дел од истата група како гуштерите и змиите, познати како диапсидни влечуги кои имаат две јами на секоја страна од нивниот череп, или биле анапсидни, без јами.

Денешните диапсиди се многу разнообразни и во нив припаѓаат крокодилите, гуштерите, змиите и туатарата.

Иако некои диапсиди ја изгубиле едната јама (гуштери), или двете (змии), па дури и имаат многу различна градба на черепот (денешните птици), тие сепак се класифицираат како диапсиди поради нивните предци.

Постојат околу 7 925 видови на диапсидни влечуги (преку 14 600 доколку се вклучат и птиците).

“Диапсидниот череп на Eorhynchochelysa ни покажа дека желките не се поврзани со раните анапсидни влечуги, туку со денешните диапсидни влечуги. Тоа е тоа. Дискусијата е завршена.” – вели палеонтологот Оливер Рајпел.

Поддржете ја нашата работа: