Откриени повеќе од 100 нови егзопланети

Меѓународен тим на научници штотуку објави дека откриле повеќе од 100 нови егзопланети со помош на телескопот Кеплер. Меѓу нив се наоѓа и еден сончев систем од четири планети, на оддалеченост од околу 181 светлосна година, кој според научниците има добри шанси да поддржува живот.

Се работи за ѕвездата „K2–72“ која претставува џуџеста ѕвезда од класа М (поладни и помали ѕвезди т.н. црвени џуџиња) и лежи во правецот на соѕвездието Водолија. Четирите планети орбитираат многу блиску до неа, всушност поблиску отколку Меркур до Сонцето, но бидејќи „K2–72“ е црвено џуџе тоа значи дека е релативно мала и поладна, што научниците сметаат дека овозможува две од овие планети да бидат погодни за живот.

Сите четири планети се сметаат за мали планети, иако се од 20 до 50 проценти поголеми од Земјата во дијаметарот.

Ова откритие на оваа ѕвезда е само едно меѓу многуте нови егзопланети кои ги откри тимот на истражувачи предводен од Универзитетот во Аризона, кој со помош на телескопот Кеплер откри нови 197 кандидати за планети, од кои 104 се веќе потврдени егзопланети.

Ова претставува најголемото откритие на егзопланети на Кеплер, по откривањето на 1.284 вонземски светови пред само неколку месеци.

Истражувачите ќе продолжат да ги проучуваат овие светови со помош на други телескопи на земјата и во вселената, со надеж дека ќе откријат од што се составени и дали навистина се погодни за живот.

Истражувањето е објавено во „Astrophysical Journal Supplement Series“.

Поддржете ја нашата работа: