Откриено чудно езеро под еден вулкан на Андите

Научниците открија неочекуван резервоар на вода споредлив по волумен со езерото Супериор (или Горното Езеро), скриен 15км под вулкан кој се наоѓа на Андите.

Тимот смета дека постојат и други вакви чудни езера скриени под вулканите на планетава – и тие можат да помогнат во решавањето на мистеријата за тоа како и зошто вулканите еруптираат.

Ова езеро е откриено од еден тим на истражувачи од Универзитетот во Бристол, Велика Британија при истражување на една аномалија која тие ја забележале под моментално заспаниот вулкан „Uturuncu“ на Андите во Боливија.

„Ова езеро е некаде помеѓу езерото Супериор и езерото Хјурон, што всушност значи дека е доста големо“- вели Џон Бланди, главниот истражувач.

Но, за разлика од слатководните езера на површината, овој резервоар, кој е наречен „Altiplano-Puna“ има температура од околу 1.000 степени Целзиусови, измешан е со стопена карпа и може да има потенцијал да го направи вулканот поексплозивен.

Уште поважно, „Altiplano-Puna“ се чини дека ги забавува сеизмичките бранови и спроведува електрична енергија, за разлика од околната магма што не е измешана со вода.

uturuncu_web_1024

За да се обидат да дознаат како функционира ова, тимот истражувал карпи стари 500.000 години кои биле исфрлени од вулканот, и ги помешал со вода во лабораторија под истите услови како на 15км под површината.

„10 проценти од тежината на растворената вода значи дека има 1 молекула на вода на секои 3 молекули на силикати. Ова е исклучително голем дел на вода што помага во објаснувањето зошто овие силикатни течности се електрични спроводници“  објаснува еден од истражувачите – Фабрис Гејлард од Универзитетот во Орлеан, Франција.

Тимот се уште не знае зошто оваа електрична спроводливост е толку значајна, или пак како таа влијае на ерупциите, но тие забележале слична необјаснета спроводливост под вулканската зона „Taupo“ во Нов Зеланд и најсмртоносниот вулкан во САД- „Mount St Helens“ во Вашингтон. Сега, тие планираат да ја истражат оваа чудна спроводливост и под овие големи вулкани и се надеваат дека ќе бидат во можност да откријат како таа ја предизвикува ерупцијата.

Ова истражување, исто така, фрла светлина и на сложениот процес за длабоката вода под површината на Земјата и како таа се поврзува и влијае врз формирањето на земјината кора- нешто што само што почнуваме да го разбираме.

Истражувањето е објавено во „Earth and Planetary Science Letters“.

Поддржете ја нашата работа: