Еден тим на истражувачи користел снимање со магнетна резонанца на мозокот на повеќе деца во САД со цел да можат и пред детето да наполни една година, да предвидат дали некое од нив ќе развие аутизам, а најновите откритија, за сега се уште прелиминарни, може да претставуваат голем напредок во терминот кога докторите ќе може да забележат ризик од аутизам, пред да се појават симптоми.
„На ова поле се бориме постојано да го превидиме аутизмот што порано“, вели еден од истражувачите што учествувал во студијата д-р Џозеф Пивен од Институот за развојни нарушувања во Каролина, на Универзитот во Северна Каролина.
Моментално, сигурна дијагноза на аутизам е можно да се постави најрано на две години, а тоа е возраст кога може да се забележи преку одредени потешкотии, како што е неможност од составување на сложени реченици или воспоставување на контакт со очите.
Експертите во центрите за аутизам во САД истражувале вкупно 106 бебиња за кои се сметало дека имаат тенденција да развијат аутизам затоа што имаат постар брат или сестра кои веќе ја имаат таа дијагноза.
Истражувањето вклучило и 40 бебиња кои имале ниско ниво на ризик од развој на аутизам. Резултатите откриле дека бебињата кои подоцна развиле аутизам, имале многу побрз раст на набори на површината од мозокот од децата кои не развиле аутизам. Тој побрз раст на наборите е поврзан и со појавата на други симптоми во втората година од животот, како што се задоцнет говор и игнорирање на своите врсници.
Истражувачите ги зеле сите мерки добиени од магнетна резонанца и ги ставиле во компјутер правејќи алгоритам за добивање програма за предвидување дали одредено дете ќе развие аутизам. Тие можеле со точност од 80 отсто да ги идентификуваат бебињата кои би развиле аутизам кој би им бил дијагностициран дури на возраст од две години.
„Детектирањето на аутизмот пред тој воопшто да се појави, пред да почнат првите симптоми, ни дава одлична шанса да делуваме на време“, вели д-р Пивен.