На оддалеченост од околу 150 милиони светлосни години, опкружена со чудни форми на облаци, се наоѓа една бизарна галаксија која долго врема претставува мистерија за научниците.
Се работи за галаксијата наречена „NGC 4696“, која е една од стотиците ѕвездени системи кои го сочинуваат галактичкото јато Кентаур, лоцирано во соѕвездието Кентаур. За разлика од нејзините бројни придружнички, галаксијата „NGC 4696“ се наоѓа во уникатна позиција, истовремено да биде и проголтана и дисперзирана од супермасивната црна дупка која се наоѓа во нејзиниот центар.
Галаксијата „NGC 4696“ е најсветлата галаксија во галактичкото јато Кентаур, што значи дека е и една од најсветлите ѕвездени системи досега познати. Но, уште покарактеристична е видливата обвивка на галаксијата составена од спирални филаменти, а благодарение на новото истражување спроведено од Универзитетот Кембриџ во Велика Британија, се добиваат некои одговори за тоа како дошло до создавање на овие чудни формации.
Преку новите опсервации направени со телескопот Хабл, научниците успеале да ги измерат овие формации и тие се протегаат 200 светлосни години во широчина (што претствува повеќе од еден квадрилион километри – ако е така појасно).
Овие формации, составени од гас и прашина, имаат 10 пати поголема густина од околниот гас и создаваат извиткани форми кои се поврзани со блескавиот центар на галаксијата.
Во срцето на „NGC 4696“ сместена е супермасивна црна дупка, која според мислењето на астрономите е одговорна за појавата на овие чудни формации.
Според нивната хипотеза, црната дупка го загрева гасот околу внатрешниот регион на „NGC 4696“ испраќајќи топли млазеви од гас кон надворешноста.
Овој материјал ги отстранува правта и гасот на својот пат и во вид на лак ги истиснува овие формации надвор во вселената. Овие формации се обликуваат исто така и од магнетното поле на „NGC 4696“, кое и самото е обликувано од активностите на црната дупка.
Но, додека со овој процес се испраќа голем дел од материјалот надвор во вселената во опкружувањето на „NGC 4696“, во центарот, црната дупка од галаксијата го влече гасот навнатре и го голта.
И покрај тоа што овој драматичен феномен ја прави галаксијата визуелно сензационална, во суштина ова претставува маска за ѕвезден систем што умира.
Со сиот материјал што се исфрла надвор, останува малку од драгоцениот гас и прашина од кој треба да се формираат нови ѕвезди.
Тоа значи дека секоја ѕвезда од галаксијата „NGC 4696“ која старее и со време ќе умре, не ќе може да биде заменета со нова, па така и најсјајната галаксија во галактичкото јато Кентаур нема секогаш да биде толку сјајна.
„NGC 4696“ е пример за елиптична галаксија која често се формира преку колизија на две спирални галаксии. Елиптичните галаксии генерално содржат стари ѕвезди и ѕвезди што се во стареење и имаат мало учество во формирање на нови ѕвезди.
Во таа смисла, „NGC 4696“ е многу слична со другите елиптични галаксии и покрај нејзините прекрасни спирали. Но, барем „NGC 4696“ ќе ни помогне подобро да ги разбереме космичките процеси кои ги одржуваат некои ѕвездени системи во хибернација – без разлика колку спектакуларно тие да изгледаат.
Овие наоди се објавени во „Monthly Notices of the Royal Astronomical Society“.