Лошата циркулација на крвта може да биде симптом на многу состојби – од срцеви заболувања, до дијабетес. Знае да биде многу непријатна, предизвикувајќи вкочанетост и трпнење во рацете и нозете придружено со чувство на студ. Доколку лошата циркулација е предизвикана од сериозна медицнска причина, обавезно треба да се посети лекар, но постојат и неколку природни начини што може да ги направите и дома и да го подобрите протокот на крв.
Престанете да пушите
Не само што предизвикува рак на белите дробови, пушењето му штети и на срцето, на крвните зрнаца и крвните садови, покрај другите органи. Кај пушачите е зголемена веројатноста од појава на наслаги, т.н. плаки во нивните артерии, кои носат оксигенирана крв до органите. Плаките ја намалуваат еластичноста и ги стеснуваат крвните садови, со што се отежнува циркулцијата. Тие исто така можат со време да бидат причина за болки во градите, за палпитации, па дури и за срцев удар.
Намалете го стресот
Ако успеете да ја ставите вашата анксозност под контрола, тоа ќе придонесе и за подобрување на циркулацијата на крвта. Според Американската асоцијација за срце, стресот влијае на нормалната размена на кислород и јаглероден диоксид, затоа што делува на крвните садви. Како одговор на стресот во телото се ослободуваат хормоните на стресот, адреналин и кортизол „што предизвикува забрзана работа на срцето и стегање на крвните садови, за да се доведе повеќе крв во средината на телото, наместо во екстремитетите“. Стресот може да го намалите преку разни вежби, медитација и сл.
Направете масажа
Истражувањата покажуваат дека масажата ја подобрува циркулацијата во целото тело, не само на местото кое се масира. Многу експерти препорачуваат масажа на дланките и стопалата, за да се подобри циркулацијата во екстремитетите.
Облечете се топло
Ако имате лоша циркулација, ниските температури само ќе ја влошат состојбата. Како што објаснува Медицинската школа на Харвард: „Кога ќе дојдете во допир со студен воздух или вода, крвните садови во кожата се стегаат и крвта брзо се усмерува во внатрешноста на телото“. Во некои случаи ова е корисно, бидејќи ги штити највиталните органи и затоа што топлата крв има поголем слој од кожа како изолатор помеѓу себе и ладниот воздух, губиме помалку топлина. Но, затоа страдаат рацете и стопалата. За да ја намалите ваквата реакција облекувајте се добро во зима.
Јадете цитрусни овошја
Се чини дека витаминот Ц е добар за циркулација, можеби колку и пешачењето, бидејќи влијае на протеин во ѕидот на крвните садови кој предизвикува нивно стегање. Можете да земете некој суплемент или да изедете сочен портокал и ќе го добиете истиот ефект.