Пет мисловни експерименти кои покажуваат како Ајнштајн ги оформувал своите хипотези

Алберт Ајнштајн, еден од најголемите умови на 20-тиот век, засекогаш го промени изгледот на науката со својот револуционерен концепт, кој го потресе нашиот физички свет.

Една од најголемите квалитети на Ајнштајн била неговата способност да ги концептуализира комплексните научни идеи преку слики од реалниот живот. Тој ова го нарекувал „Gedankenexperiments“ – што на германски значи „мисловни експерименти“.

Еве неколку од тие мислови експерименти кои ги покажуваат едни од најголемите откритија на Ајнштајн.

Замислете дека трчате по зрак од светлина

За ова Ајнштајн почнал да размислува уште кога имал 16 години. Што ќе се случи ако „бркате“ зрак од светлина додека тој се движи низ просторот?

Ајнштајн резонирал дека ако на некој начин успеете да ја стигнете светлината, би можеле да ја видите светлината замрзната во просторот.  Но, светлината во просторот не може да замрзне, во спротивно не би била светлина.

На крај Ајнштајн сфатил дека светлината не може да се успори и дека секогаш мора да се оддалечува од него со брзината на светлината. Затоа, нешто друго би морало да се менува. Тој сфтил дека мора да се менува самото време, што било основа за неговата специјална теорија за релативноста.

Замислете да седите во воз

Замислете дека седите во воз, додека вашиот пријател се наоѓа надвор од возот и го гледа како поминува. Ако на двата краја од возот удри молња, вашиот пријател би требало да ги види двете молњи како се случуваат истовремено.

Но, во возот, вие сте поблиску до молњата кон која се движи возот. Затоа, вие ќе ја видите оваа молња побрзо, затоа што молњата патува на пократко растојание.

Овој мисловен експеримент покажува дека времето се движи различно за оној што се движи со возот и за оној што стои неподвижен, потврдувајќи го верувањето на Ајнштајн дека просторот и времето се релативни и дека симултаноста не постои. Ова е камен-темелник на специјалната теорија за релативитетот на Ајнштајн.

Замислете дека имате близнак во вселенски брод

Овој мисловен експеримент е варијација на експериментот со светлина-време, кој се однесува на текот на времето.

Да речеме дека имате близнак кој е роден речиси во исто време со вас. Но, веднаш по раѓањето, тој или таа е ставен во вселенски брод и е испратен во вселената да патува скоро со брзина на светлината.

Според ајнштајновата специјалната теорија за релативноста, вие и вашиот близнак ќе стареете различно. Бидејќи времето тече поспоро, кога се движите со брзина поблиска до брзината на светлината, вашиот близнак ќе старее поспоро.

Кога вселенскиот брод ќе се врати на Земјата, вие ќе бидете пред пензија, додека вашиот близнак само што влегол во пубертет.

Замислете дека стоите во кутија

Замислете дека лебдите во кутија и не можете да видите што се случува надвор од кутијата. Наеднаш, паѓате на подот. Што се случува? Дали кутијата е повлечена надолу од гравитацијата или пак е забрзана преку повлекување со јаже?

Фактот дека и двата ефекти ќе продуцираат ист резултат го довело Ајнштајн до заклучокот дека помеѓу гравитацијата и забрзувањето не постои разлика – тие претставуваат иста работа.

Сега, ако се земе предвид претходното тврдење на Ајнштајн дека времето и просторот не се апсолутни, тогаш ако движењето може да влијае на времето и просторот, а гравитацијата и забрзувањето се иста работа, тоа значи дека гравитацијата фактички може да влијае на времето и просторот.

Способноста на гравитацијата да го искривува време-просторот претставува огромен дел од општата теорија за релативноста на Ајнштајн.

Замислете да фрлате паричка

Ајнштајн не бил голем поборник на квантната теорија. Всушност, тој секогаш правел нови мисловни експерименти обидувајќи се да ја негира. Меѓутоа, токму овие мисловни експерименти биле предизвик за пионерите на квантната теорија да ја доведат теоријата до перфекција во најмалите детали.

Замислете да имате паричка која има две страни кои лесно можат да се раздвојат. Ја фрлате паричката и без да гледате, едната страна од паричката му ја давате на вашиот пријател, а другата ја задржувате за себе. Потоа вашиот пријател влегува во вселенски брод и патува низ универзумот.

Тогаш ја погледнувате вашата паричка. Гледате дека ја имате страната на која се наоѓа „главата“ на паричката и веднаш помислувате дека вашиот пријател кој се наоѓа милијарди светлосни години подалеку од вас, го има делот од паричката со „писмо“ на неа.

Ако мислите на двете страни на овие парички како неодредени и ако ја префрлате паричката помеѓу „глава“ и „писмо“ додека во еден момент гледате само една, тогаш паричките можат да ја „заобиколат“ брзината на светлината и моментално да влијаат една на друга без оглед на тоа колку светлосни години се оддалечени.

Текстот е објавен во „Business Insider“.

Поддржете ја нашата работа: