Пилињата имаат осет за математика

„Овие резултати сугерираат повторно разгледување на поврзаноста на нумеричките способности и вербалниот јазик и обезбедуваат докази дека јазикот и културата не се неопходни за развојот на математичко познавање“, вели Роза Ругани, главниот автор на истражувањето и психолог на Универзитетот во Падова, Италија.

Луѓето ја учат низата на бројките на училиште, почнувајќи со помалите бројки од лево кои се зголемуваат како што се движиме на десно. Зошто е тоа така, се’ уште не е јасно. Дали е можеби артефакт на некоја далечна историја кога некој решил да ги стави помалите бројки на лево, или пак можеби е пофундаментален аспект на тоа како мозокот ги процесира бројките?

За да го откријат тоа, Ругани заедно со своите колеги, тренирала пилиња стари само 3 дена да прејдат преку екранче со 5 точки, за да дојдат до храната која се наоѓала позади него. Откако пилињата научиле дека екранот со 5 точки значи храна, научниците го отстраниле тој екран, и поставиле други два, едниот на левата, другиот на десната страна, секој со по 2 точки. Пилињата се движеле кон левиот, што сугерирало дека пилињата ментално си претставувале дека бројките помали од 5 се  наоѓаат на левата страна. Потоа научниците поставиле нови два екрани со по 8 точки и пилињата се движеле кон десниот. Тоа сугерира дека пилињата ментално си претставувале дека бројките поголеми од 5 се на десно.

Потоа направиле уште еден експеримент, во кој го повториле истиот процес, само започнале со екран кој имал 20 точки, а потоа додале екрани со по 8 и 32 точки. Резулатите биле исти, пилињата се движеле на лево кога имало 8 точки, а на десно кога имало 32.

„Пилињата ги поврзуваат помалите бројки со левата страна, а поголемите со десната, и тоа го рефлектира човековото однесување кога станува збор за бројките“, заклучува Ругани.

Следно, научниците ќе проучуваат и други животни за да откријат каде точно во мозокот се случува овој процес. Едно истражување од 2013 години ни покажа дека кај луѓето тоа се случува во десниот периетален кортекс, па останува да видиме дали е тоа така и кај животните.

Истражувањето е објавено на 29-ти јануари во „Science“.

Поддржете ја нашата работа: