Бројни епидемиолошки студии ја покажале поврзаноста на хлорирањето на водата во базените со појавата на респираторни пореметувања и со уште некои други заболувања. Сепак овие наоди не се секогаш постојани и не се потврдени со токсиколошки студии.
Затоа, здравствените ефекти од пливањето во базени со хлорирана вода, како и соодветните стресни состојби во организмот што произлегуваат од тоа се нејасни.
Професионалните пливачи, општо земено, се најизложени на нуспродуктите на хлорираната вода во базените, со оглед на интензивните долгогодишни тренинзи што ги прават во базените.
За да се откријат ефектите врз здравјето од овие нуспродукти направено е истражување врз експериментални стаорци, кои биле тестирани во исти услови како и професионалните пливачи, во период од 12 недели, во хлорирана вода идентична на таа во јавните базени (според животниот век на животните, 12 недели кај стаорците е скоро еднакво како и 10 години кај човекот, што е период неопходен за еден спортист да достигне врвна форма). За време на тестирањето било надгледувано однесувањето и изгледот на животните, а преку хистопатолошки и метаболомички методи биле анализирани ефектите врз здравјето и метаболизмот.
Сумирано, 12 неделното пливање во хлорирана вода довело до појава на знаци на болести и значајни пореметувања во метаболизмот, иако растот и однесувањето на животните биле непроменети. Поради директната изложеност на респитарорните органи, кожата и очите, забележана е појава на закрвавени очи и нос како и промени и опаѓање на крзното. Сепак, веројатно поради заштитата од носната лигавица, респираторниот систем покажал одредена адаптација на овие нуспродукти, што значи дека за кожата и очите потребно е најголемо внимание за да се спречат трајни оштетувања.
Од петте наголеми органи (срцето, црниот дроб, белите дробови, бубрезите и слезинката), црниот дроб веројатно е најмногу погоден од негативните ефекти од хлорираната вода, додека интензитетот и зачестеноста на тренингот се главните фактори за оштетување на белите дробови, поттикнати од самото пливање, наместо од хлорирањето.
Преку анализа на промените во метаболизмот покажани се токсичните ефекти на нуспродуктите од хлорираната вода , што укажува на потребата од развивање соодветни мерки за да се заштитат спортистите пливачи, како и останатите кои поминуваат многу време во хлорираната вода во базените.
Истражувањето е објавено во списанието „PLOS ONE“