Поголем град – поголеми пајаци

Едно истражување направено во Сиднеј, Австралија покажало дека пајаците „ Nephila plumipes “ кои живеат во урбаниот дел на Сиднеј имаат тенденција да растат поголеми од оние кои живеат во руралните области.

„Nephila plumipes“ е пајак со жолто-кафена боја, кој живее во областа Квинсленд во Австралија, како и во Индонезија и некои острови на Пацификот. Иако со својата големина може да делува застрашувачки, во суштина се работи за пајак кој ретко напаѓа луѓе и неговиот убод е безопасен (за разлика од „Sydney funnel web spider“ кој напаѓа луѓе, а убодот му е смртоносен.)

Од април до јуни 2012 година, Елизабет Лоуи нејзините колеги од Универзитетот во Сиднеј, собирале пајаци од овој вид на локации ширум Сиднеј, вклучувајќи го центарот на градот, пределот во близина на плажата „Manly Beach“ , Кралската ботаничка градина и руралната област „Ku-ring-gai“ северно од градот.

Тие ја мереле големината и тежината на пајаците, како и други морфолошки карактеристики. Истражувачите, исто така, ги зеле во обѕир и карактеристиките на околината и на микроживеалиштата каде што пајаците опстојувале. Микроживеалиштата се важни, бидејќи овие пајаци прават полутрaјни мрежи и скоро целиот свој зрел живот го поминуваат на едно место.

Истражувачите ги споредиле пајаците по големина и локација. Тие откриле дека пајаците кои живеат во центарот на градот или поблиску до морскиот брег се значително поголеми, а и во подобра форма. Се чини дека на пајаците,  исто како и на луѓето, живеењето во побогата средина повеќе им одговара.

Со испитувањата на микроживеалиштата добиени се додатни информации. Пајаците биле поголеми во средина каде што имало повеќе цврста површина отколку вегетација.

„Од истражувањето може да се заклучи дека овој пајак е урбан експлоататор. Како и луѓето, се чини дека и некои пајаци едноставно подобро живеат во поголем град”, заклучуваат истражувачите.

Поддржете ја нашата работа: