Политики против дебелината

Забрана на газираните пијалоци во автоматите во училиштата, изградба на пешачки патеки и игралишта, опис на хранливите материи во менијата на рестораните – ова се само некои од промените во средината каде што луѓето живеат и работат и некои од решенијата кои се предложени за спречување на зголемената епидемија на дебелината.

Но, кои од овие промени навистина би имале некакво влијание?

За да го одговорат ова прашање, многу истражувачи ги користат „природните експерименти“, односно внесот на калории и физичката активност кај луѓето и притоа ги споредуваат податоците пред и после одредена политика или промена, или пак ги споредуваат со слична група на луѓе кои не се засегнати од таа промена. Но, сите природни експерименти не се еднакви.

Потребна е ригорозна наука за да се оценат овие природни или квази експерименти, вели Ејми Окинклос од школата за јавна медицина на Универзитетот Дрексел, која е дел од истражувачкиот тим, кој е автор на една нова студија со наслов: „Влијанието на политиките и вградените промени во средината на резултатите поврзани со дебелината: систематски преглед на природно настанатите експерименти”, објавена во „Obesity Reviews“.

Тимот на истражувачи ја разгледувал состојбата на науката на оваа тема, оценувајќи ги резултатите и методите на сите претходни такви студии објавени во медицинската литература, а особено:
-Кои политики и кои промени во средината се оценети преку природни или квази експерименти и кои се резултатите од истите?
-Дали има прашања од интерес поврзани со дизајнот на студиите, вклучувајќи ги и методите на оценување?
-Кои се ограничувањата на овие студии и области каде што е потребна дополнителна наука?

Ова е првата студија која ја испитува употребата на природни или квази експерименти за да ја оцени ефикасноста на политиките и промените во средината поврзани со дебелината (индекс на телесна маса, исхрана или физичка активност). Студијата вклучувала статии од „PubMed (Medline)“ објавени 2005-2013 година, биле прегледани 1 175 апстракти и 115 трудови и на крајот 37 студии биле вклучени во прегледот.
Биле идентификувани неколку видови на интервенции кои се поуспешни од другите во подобрувањето на исходите поврзани со дебелината, и биле идентификувани областите каде што е потребно дополнително истражување за да се извлечат заклучоци за дебелината:

Промена на политиките за искрана и храна

Промените кои го подобруваат хранливиот квалитет на храната се оние кои имаат силно влијание:

  • Забрана на трансмасти
  • Ограничувања на достапноста на засладената храна и пијалоци
  • Ограничувања на достапноста на храната со високо ниво на масти

Промени кои имаат помало, или пак немаат никакво влијание:

  • Информации за хранливите материи
  • Супермаркети изградени во недоволно опремените области

Промени фокусирани на физички активности

Промени со посилно влијание:

  • Подобрување на инфраструктурите за активен транспорт
  • Промени по долгорочен период на следење

Потребни се понатамошни истражувања за да се утврдат влијанијата на физичката активност за да се направат промени во средината како:

  • подобрување на парковите
  • пешачките патеки
  • инфраструктурата за активен транспорт

Истражувачите забележале дека заеднички недостаток кај многу студии е тоа што мереле само одредени резултати како на пр. купувањето на храна или употребата на велосипеди, наместо да го мерат посакуваниот резултат, а тоа е губењето на тежината, односно слабеењето.

„Истражувањата покажуваат дека луѓето користат нови погодности, како на пример велосипеди или ограничување на нездравата храна во одредена средина, како училиштата, но не е јасно дали овие промени преминуваат во целокупни подобрувања во исхраната и физичката активност“, истакнуваат истражувачите.

Исто така, мал број на студии директно го оценуваат влијанието на индексот на телесна маса или тежината. Па така, истражувачите заклучиле дека недостасуваат докази за тоа дали модификациите на политиките и на животната средина се успешни во одржувањето на здрава тежина или намалувањето на прекумерната.

Клучна вредност на природниот експеримент е тоа што може да се фокусира на директното влијание на политиката, или промената, или инфраструктурата на погоденото население, со што природните експеримети претставуваат важен начин за проверка на видовите на политики и инвестиции кои би влијаеле на здравјето.

Авторите заклучуваат дека се потребни повеќе природни експерименти за да се зајакне базата на податоци за политиките и интервенциите поврзани со дебелината. Исто така препорачуваат повеќе природни експерименти за да се испита дали времето на промената или постојаната исложеност на промената го зголемува или намалува влијанието врз резултатите поврзани со дебелината.

Поддржете ја нашата работа: