Полицијата конечно ќе може лесно да ги разликува идентичните близнаци

Стандардната ДНК анализа може точно да го покаже виновникот, но кога се работи за идентични близнаци тоа е исклучително тешко бидејќи 99,99% од нивната ДНК е идентична. Иако ваквите случаи се ретки, во светот постојат неколку случаи со идентични близнаци каде полицијата не можела да го посочи виновникот.

Во вакви случаи, научниците можат да го секвентираат целиот геном од двете индивидуи и да бараат ретки разлики што се последица на можни генетски мутации, но тоа е скап процес и трае околу еден месец.

Со новата метода развиена од научниците од Велика Британија, од Универзитетот во Хадерсфилд, полицијата ќе може да ги раздели идентичните близнаци и точно да посочи чиј е генетскиот материјал, во рок од само неколку часа.

Методата подразбира загревање на примероците од  ДНК до точка кога се раскинуваат водородните врски во ДНК и ова претставува „точка на топење“ на ДНК. ДНК од секој од близнаците се „топи“ на различна температура. Овие епигенетски разлики произлегуваат од различните животни навики на близнаците, како на пример, изложеноста на сонце или пушењето.

Научниците го извршиле тестирањето на пет пара идентични близнаци од кои бил земен букален брис и успеале да направат разлика помеѓу близнаците од сите пет пара.

Ова е секако чекор напред, кој ќе им овозможи на форензичарите на многу полесен и побрз начин да ги раздвојат идентичните близнаци кога се работи за криминални случаи.

Истражувањето е објавено во „Analytical Biochemistry“.

ЕНаука.мк
Ви благодариме за секоја ваша поддршка , донација и сугестија BTC=15qk6EUHTeHF9Y6mava8sJFcJVpWXAidK6 DOGE=DNQUB9HjQKpW353XsG44D9X34JhD5YcCXm ETH=0x760607ca70be5720f68c848ede4dd3bc530e032c SOL=E7xEBsmHDcZ7VPzU7ZFYY34mpbpZxnMtRA9nTytDAmJt