Астрономите можат полесно да ги откријат планетите што се блиску до своите ѕвезди-домаќини, отколку подалечните. Откривањето и мерењето на овие светови, астрономите го вршат преку проучување на малата редукција на светлина кога тие поминуваат пред ѕвездата-домаќин, или преку мерење на малото „нишање“ што се јавува како резултат на гравитацијата на планетата – што се нарекува метод на радијална брзина.
Но, наодите на истражувачите од Универзитетот во Вашингтон, добиени анализирајќи ги податоците од компјутерска симулација, покажале дека некои планети кои се блиску до М-џуџињата најверојатно ја изгубиле својата вода и атмосфера уште во текот на нивното формирање.
„Сите ѕвезди се формираат откако огромна маса на интерстеларен гас ќе се распадне, при што се ослободува енергија во форма на светлина. Но поради помалата маса , а оттаму и помалата гравитација на М-џуџињата, потребни се неколку стотици милиони години додека целосно да се формираат.
Планетите околу овие ѕвезди се формираат во период од 10 милиони години, што значи дека тие се околу ѕвездите додека тие се’ уште се формираат и во тој период се екстремно светли. Ова значи дека планетите во почетокот се извонредно топли со температури кои надминуваат илјадници степени што доведува до испарување на водата на нивната површина и целата пареа оди во атмосферата.
Друга неповолност за атмосферата на овие планети, е тоа што М-џуџињата емитираат многу х-зраци и ултравиолетова светлина што ја загрева атмосферата и до илјадници степени, што допринесува гасовите брзо да се шират и да ја напуштат планетата губејќи се во вселенскиот простор.
Така, многу планети од зоната погодна за живот на М-џуџињата ја губат својата вода, а тоа драстично ги намалува шансите тие да бидат погодни за живот.
Спореден ефект од овој процес е тоа што ултравиолетовото зрачење може да ја раздели водата на составните делови – кислород и водород. Полесниот водород „бега“ во вселената додека кислородните атоми, кои се потешки, остануваат и се акумулираат во атмосферата. Иако кислородот во некои случаи, како на Земјата, е потребен за живот, огромното количество чист кислород е негативен фактор за започнување на живот.
„Поради наталожениот кислородот, овие планети гледано од страна може многу да наликуваат на Земјата. Но кога ќе се погледнат подобро се гледа дека тие всушност се „фатаморгана“, таму едноставно нема вода“, велат истражувачите Родриго Лугер и Рори Барнес од Универзитетот во Вашингтон во студијата објавена во списанието „Astrobiology“.