Според едно неодамнешно истражување на Универзитетот во Ексетер, кога на поедници ќе им се покажат слики од луѓе што се сакаат и грижат еден за друг, се намалуваат негативните мисли, односно реакцијата на мозокот за опасност, и може да придонесе за подобро функционирање по некоја стресна ситуација, особено кај оние поединци кои се вознемирени. Со други зборови мозокот се смирува.
Во истражувањето учествувале 42 поединци, на кои накратко им биле презентирани слики од други емоционално поврзани луѓе, при што научниците ги следеле реакциите на мозокот со помош на магнетна резонанца.
Истражувањето, објавено во весникот „Social, Cognitive and Affective Neuroscience“, објаснува дека кога ќе се потсетиме на тоа дека некој не сака и се грижи за нас, амигдалата, што всушност претставува „монитор“ на мозокот за регистрирање на опасност, не реагира на оние слики кои покажуваат заканувачки изрази на лицето или заканувачки зборови.
Претходните истражувања покажале дека реакцијата на мозокот за болка се намалува кога на сличен начин ќе се потсетиме на тоа дека сме сакани, но за прв пат истото се потврдува и за реакцијата на опасност.
„Овие податоци од новото истражување може да ни помогнат да објасниме зошто успешното опоравување од психолошка траума често се поврзува со нивото на општествена поддршка која поединецот ја добива. Овие наоди ќе ги искористиме за да ги подобриме постоечките третмани на посттрауматскиот стрес (PTSD) и да го зголемиме чувството на сигурност и поддршка со цел поединецот подобро да се справи со трауматичните спомени“, вели д-р Анке Карл, еден од истражувачите.
Истражувачите на Универзитетот во Ексетер, по истиот пример, исто така спроведуваат истражувања мерејќи ги реакциите на телото (отчукување на срцето, потење) и реакциите на мозокот, за да ги разберат сличните механизми кај различните поединци како на пр. оние кои се премногу самокритични, оние со депресија или психолошка траума по преживувањето на тешка сообраќајна несреќа, напад или природна катастрофа.