Вулканските структури се важна цел за идните човечки истражувања во вселената, бидејќи можат да обезбедат заштита од космичката радијација, ударите од метеори и екстремните температури.
Каналите од лава се тунели формирани од протокот на лава при вулканските ерупции. Како што истекува лавата, рабовите се ладат, формирајќи кора во вид на цевка околу реката од лава. Кога ерупцијата ќе запре и лавата ќе престане да тече, одводите оставаат зад себе шупливи тунели.
„Постојат доста дискусии дали тунелите од лава постојат на Месечината. Накои докази како што се кривулестите бразди кои се забележуваат на површината укажуваат дека, ако тунелите од лава постојат, тие може да се навистина огромни“ –велат истражувачите од Универзитетот Пердју.
Овие бразди се всушност големи канали кои можат да се видат на површината на Месечината и се смета дека се формирани од протокот на лава. Тие можат да бидат широки и до 10 километри и тимот од Пердју ја истражува можноста од постоење на тунели од лава со вакви размери.
„Откривме дека ако постојат тунели од лава на Месечинат , со цврста заоблена форма, како оние на Земјата, тие на Месечината би биле стабилни во широчина до 5 000 метри. Такво нешто не е возможно на Земјата, но гравитацијата на Месечината е многу помала и карпите на Месечината не мора да ја издржат истата ерозија. Теоретски, тунелите од лава се доволно големи за во нив да се смести цел град, а на Месечината би биле структурно стабилни.
Тимот од Пердју работејќи заедно со професори по градежништво од истиот Универзитет, ги примениле познатите податоци за карпите и околината на Месечината, во градежните техники што се користат за градење на тунели на Земјата. Тие откриле дека стабилноста на тунелите од лава зависи од широчината, дебелината на кровот, како и од притисокот од оладената лава и создале модели со голем опсег од овие варијабили. Исто така направиле модели на тунели со ѕидови со дебелина од еден слој од лава и тунели со дебелина од повеќе слоеви од лава.
Постои само уште една студија, објвена во 1969 година, каде е направен обид да се направат модели од месечевите тунели од лава- велат истражувачите.