Терминот психоза се употребува за широк спектар на ментални нарушувања, вклучувајќи ја шизофренијата, шизоафективното пореметување, психотичното растројство и други. Психотичните нарушувања се често променливи, што значи дека се појавуваат со симптоми кои преминуваат во други категории, како биполарно растројство или депресија, поради што тешко се идентификуваат и третираат.
Сега, едно ново истражување вели дека ризикот за развој на одредени нарушувања кај пациентите може да се предвиди со подеднаква точност како ризикот за заболувања на срцето или заболувања од рак, со помош на еден нов калкулатор на ризикот.
Истражувањето всушност испитува колку добро може калкулаторот да го предвиди ризикот за идна психоза, врз основа на рани симптоми.
Истражувачите анализирале 596 пациенти на возраст од 12 до 35 години кои биле дијагностицирани со продром – рани симптоми на шизофренија (кои вклучувале халуцинации и необични мисли), но пациентите се’ уште биле свесни за да сфатат дека нивните перцепции не се реални.
За да го измерат ризикот за развој на шизофренија кај овие пациенти, кога тие би доживувале халуцинации и параноја без да сфатат дека не се реални, истражувачите го развиле калкулаторот на ризик кој испитувал неколку фактори и тоа: стресни настани, траума, семејна историја на шизофренија, возраст на која се појавиле симптомите, ниво на невообичаени мисли и сомничавост, социјално функционирање, вербално учење и ментално процесирање на податоците.
Истражувачите ги следеле пациентите на секои 6 месеци, притоа земајќи ги предвид сите фактори, и откриле дека 16% од пациентите развиле психоза во рок од две години. Се покажало дека неколку фактори делуваат како предвесници на болеста, вклучувајќи го слабото социјално функционирање, вербалното учење и брзината на обработка на податоците, како и високото ниво на необични мисли и сомничавост.
Покрај тоа, колку што пациентите биле помлади кога се појавиле симптомите, толку бил поголем ризикот за развој на психоза подоцна во животот. Интересно е тоа што стресните настани, траумата, па дури и семејната историја на шизофренија имале помало влијание во однос на другите фактори.
Психозата вклучува голем број на ментални нарушувања, но не треба да се меша со психопатијата или недостатокот на морален карактер. Како и секоја друга ментална болест, и психозата може да се третира со лекови или когнитивна бихевиористичка терапија.
Нејзиното рано и точно дијагностицирање (кога започнуваат да се појавуваат предупредувачките знаци) може да им помогне на пациентите да добијат индивидуална помош, па можеби дури и да го спречат понатамошниот развој.
Истражувањето е објавено во „The American Journal of Psychiatry“.