Пријатели со бенефиции

Во ваквите релации – се разбира, бенефитот е сексот , но што е со делот „пријатели“, бидејќи токму тоа е првиот збор од овој „аранжман“. Пријател вообичено се нарекува некој на кој му верувате и кој вам ви верува – релација која се развивала преку заеднички искуства, ситуации, компатибилност или заеднички интереси. Бидејќи е потребно време за да се развие пријателство, логично следува дека е потребно време и посветеност за да се развие и „пријателство со бенифиции“, па затоа, кога некој ќе рече „пријателство со бенифиции“, од самиот старт оваа релација погрешно ја  етикетира. Зошто? Затоа што бенефитот е сексот, а кога ќе се вклучи сексот, работите се комликуваат, дури и кога двајца луѓе ќе ја одржат комуникацијата и меѓусебното почитување. Здраво функционирање на една ваква релација подразбира комуникација за тоа што лицата очекуваат од оваа релација и каде секој од нив се наоѓа ако врската продолжи да еволуира. Без оглед дали се чувствувате пријатно или се појавуваат проблеми, ако можете да ги надминете предизвиците и да го одржите пријателството, дури и на сметка на бенефитот, тогаш сте оствариле успешна релација. Заеднички инвестирате за обострана благосостојба, бидејќи, првенствено, вие сте пријатели.

Независно како ќе ја етикетирате релацијата, кога е вклучен сексот, вие веќе негувате емоции, како што е довербата, интимноста, поврзаноста и блискоста, затоа работите може сепак да станат незгодни. Осигурајте се дека вашиот пријател е се’ уште ваш  пријател и дека не е потребен дополнителен напор да се одржи тој статус или дека за било кој од вас тоа може да стане одбивно.

Проблемите може и да се зголемат. Што ако личноста со која спиете, продолжува со ваков аранжман заради тоа што има длабоки чувства за вас? Што ако тоа стане начин за продолжување на интимноста со надеж  дека сексот ќе доведе до подлабока љубов и до посветена врска? Што ако личноста не сака да го изнесе тоа од страв дека ќе го загрози пријателството?

Ова секако може да оди и во обратна насока. Вие може да посакувате повеќе и да се надевате дека „сексуалниот“ дел од  пријателството, ќе го натера вашиот пријател повеќе „да се ангажира“ романтично и посветено  во релацијата. Може да продолжите да ја нарекувате релацијата „пријатели со бенифиции“, затоа што се плашите дека ако вашиот пријател дознае дека сакате повеќе, тоа би можело да го оддалечи. Со тоа вие и понатака продолжувате да ја нарекувате релацијата „пријатели со бенифиции“, иако вашите чувства ни од далеку не ја одразуваат вистинската природата на аранжманот. Во вакви околности, етикетата „пријатели со бенифиции“ не е точна, бидејќи не го одразува она што вие го доживувате. Поради тоа што ги криете вашите чувства, тоа веќе ја делегитимира секоја врска, но бидејќи вашата врска е „само пријатели со бенифиции“, не ви е „дозволено“ да развивате чувства, па кога другата личност ќе „одлута“, вие ќе треба да се преправате дека не патите.

„Пријателство со бенифиции“ не може да се нарече и релација во која вашиот нов пријател наметнува аранжман што нему му одговара, а на ваша емоционална штета, без разлика дали е свесен за тоа или не. Збунувачки е да се обидувате да развивате пријателство базирано на секс, кое се раководи од правила кои попат треба да ги воспоставувате. Или кога се обидувате да форсирате пријателство за да можете да додадете секс како бенефит – каде се вклопува тука делот со пријателството? Тоа значи ставање на бенефитот пред пријателството. Можеби на почетокот ќе ви изгледа дека етикетата „пријатели со бенифиции’ е добра идеја, но бидејќи таа територија може да биде прилично непозната, вашите и чувствата на вашиот пријател може да се сменат на многу начини, па така ваквото етикетирање може брзо да стане пречка.

Ова не значи дека „пријателство со бенифиции“ не е возможно. Сексуалното доживување може, а често пати и станува дел од едно возбудливо пријателство помеѓу две лица, кои на тоа се согласиле. Или aко сте биле во романтична и/или сексуална врска со таа личност порано во животот, но врската сега се претворила во пријателска, во вакви околности, сексуалната конекција може да опстои или повторно да се воспостави. Но, нишката што тука ве поврзува е заедничката историја и довербата што сте ја воспоставиле меѓу себе. Вие признавате дека уживате во хемијата, но можеби не сте емоционално компатибилни како што сте сексуално и тоа е зеднички заклучок. Пријателската врска што ја имате воспоставено одредува дали овој пат во вашиот живот или во вашата релација е добро да го делите и бенефитот.

Но, кога барате да бидете „пријатели со бенифиции“ со некој кој не го познавате добро, вие во самиот старт имате многу очекувања. Во оваа формула има многу мани, а најмногу од се е потенцијалното деградирње на она што го нарекувате пријателство.

Затоа, неетикетирањето на новиот аранжман, состојба или релација, може да го намали притисокот и остава повеќе простор да се запознаете и да ја подобрите комуникацијата како пријатели. Вложувањето во „пријателскиот“ дел може да ја ви ја зацврсти основата и секако, да ви го подобри бенефитот.

Поддржете ја нашата работа: