Први знаци на свест кај пациент после 15 години вегетативна состојба

35-годишен пациент, после 15 години вегетативна состојба без никакви знаци на свест, сега покажува миниални знаци на будење. Во неговите гради му е имплантиран експериментален уред за стимулација на нервите.

Ангела Сиригу, и нејзините колеги од Националниот центар за научни истражувања во Брон, Франција, долго време развивале начин за враќање на изгубената свест кај пациенти. Студијата истражува дали нервната стимулација има било каков ефект врз враќањето на пациентот во свесна состојба.

Нервот vagus (лат. nervus vagus) е десетти кранијален нерв. Ваквите нерви не излегуваат од ‘рбетниот мозок, туку од мозокот и се одговорни за функцијата на органите на главата (како што се видот, движењето со очите, слух, рамнотежа и слично). Десеттиот од дванаесетте парови, нервот вагус е предмет на бројни истражувања во последните години.

Интересен е поради своето влијание на бројни телесни функции и комуникацијата со поголемиот дел од органите, како срцето, белите дробови и органите за варење.

Електричната стимулација на вагусниот нерв се покажа како успешна во намалувањето на епилептичните напади кај пациенти на кои не им помагале лекови. Овој третман бил ефикасен и во намалување на симптомите на депресија. Неодамна беше откриено дека стимулацијата на вагусниот нерв може исто така да се користи и за лекување на воспаленија.

За да се испита дали стимулацијата на нервот може да ја врати свеста кај пациентот, истражувачите одбрале кандидат кој не покажува никакви знаци на свест веќе 15 години после тешката сообраќајна несреќа. После 20-минутната операција, пациентот покажал знаци на свест – ја помрднал главата кога му било кажано да го направи тоа, следејќи одреден објект со очите.

Секако, станува збор само за еден пример на ваков случај. Секоја повреда на мозокот е различна и сите пациенти нема да реагираат исто на овој вид на третман. Сепак, студијата нуди нов поглед кон развојот на медицината.

Поддржете ја нашата работа: