Пржениот зеленчук е поздрав од варениот?

Пржењето се смета за нездрав начин на готвење, но кога се работи за зеленчукот се чини дека пржењето може да ги направи овие продукти поздрави. Истражувачите од Универзитетот во Гранада приготвиле зеленчук што обично се користи во медитеранската кујна во екстра девствено маслиново масло (100% чисто маслиново масло) за да видат како тоа ќе делува на различните хранливи материи.

Наодите, што беа објавени во списанието „Food Chemistry“ ја покажуваат моќта на маслиновото масло да ги зголеми фенолите во зеленчукот. Фенолите се здрави хемикалии кои ги штитат клетките и го намалуваат ризикот од развој на рак, дијабетес и макуларна дегенерација (губиток на видот).

Истражувачите готвеле парчиња од компир, тиква, домат и модар патлиџан на различни начини – го испржиле зеленчукот во маслиновото масло, го свариле во вода и го свариле во мешавина од вода и маслиново масло. Секоја од овие методи ја споредиле со сиров зеленчук. Исто така ја измериле и влажноста, маснотиите, вкупниот број на феноли и антиоксиданси.

Маслото го зголемува количеството на фенолните соединенија присутни во зеленчукот, но  исто така го зголемува и количеството на маснотии во зеленчукот, во споредба со зеленчукот што е варен во вода. Сепак, зголемените феноли преку пржењето ја надминуваат количината на масти, што докажува дека пржењето, севкупно, е поздрав начин на готвење. Со сите начини на готвење подеднакво се зголемува количество на присутните антиоксиданси.

Количеството на феноли во зеленчукот се зголемува , бидејќи фенолните состојки од  маслиновото масло се пренесуваат во зеленчукот за  време на пржењето. Со тоа зеленчукот се збогатува со феноли што ги нема во сировиот зеленчук, додека варењето не влијае врз крајната количина на фенолите. Заклучокот на истражувачите е дека пржењето на зеленчук во чисто маслиново масло или во мешавина од чисто маслиново масло и вода е идеален начин на приготвување за да се добијат повеќе хранливи материи од зеленчукот.

Поддржете ја нашата работа: