Овие ракавици претставуваат спојување на технологијата со музиката.
Порано единствениот начин на интеракција со компјутерите, при правењето на музика, било користењето на маусот и тастатурата. Сега, со овие ракавици, може да манипулирате со звукот едноставно преку интуитивни гестови со рацете.
Хип, заедно со својот тим, по 5 години работа, успеала да го оствари својот сон и да ги спои меките акустични звуци со електрониката и технологијата.
Секоја ракавица има голем број на сензори, звучни сигнали и копчиња кои бежично испраќаат информации до компјутерскиот софтвер, како на пр. како ви е поставена раката и прстите, или колку брзо ги движите. Така, компјутерот го интерпретира секој гест и произведува звук.
„Музиката и движењата отсекогаш имале симбиотичка врска и за мене тие се клучни. Имам тело, имам ум, а во умот имам музика. Со овие ракавици, како да имам бесконечна подвижност и многу различни начини на кои различните движења се испреплетуваат и прават нешто што јас не би можела ни да го замислам. Тоа е речиси како да свирам самата со себе“, објаснува Хип.
Веќе има заинтересирани кои сакаат да инвестираат во оваа рана фаза и да помогнат во понатамошното развивање. Тоа се различни видови на луѓе: музичари, инженери, аниматори или едноставно луѓе заинтересирани за роботиката и музиката, и сите тие веќе имаат свои ракавици.
Ракавиците изгледа ќе добијат и шанса за светска слава, бидејќи го привлекле вниманието на младата Ариана Гранде, која според изјавите на Хип и нејзиниот тим, неодамна си порачала еден пар за следната турнеја.