Ракот на панкреас е всушност четири типа на рак

Резултатите од едно седумгодишно истражување покажале дека кај ракот на панкреасот не се работи за еден, туку за четири типови на рак.

Ова претставува досега најдеталното истражување направено во врска со ракот на панкреас, што отвора можност за нов начин на третирање на еден од најсмртоносните облици на рак.

Ракот на панкреас е еден од најагресивните. Помалку од 5 проценти од дијагностицираните лица преживуваат пет години, а само 1 процент од нив преживуваат 10 години после дијагностицирањето.

Седум години научниците од Центарот за истражување на рак при Универзитетот во Мелбурн, внимателно ја декодирале целата генетска шема на туморите кај пациентите и успеале да ги откријат клучните процеси кои ја контролираат болеста.

Истражувачите ова го направиле поединечно за 465 пациенти со рак на панкреас. Тие откриле четири различни типови на рак на панкреасот, со различни молекуларни управувачи по кои се разликуваат овие подтипови.

Подтиповите се разликуваат по гените и протеините, како и по видот на клетките. Истражувачите ги идентификувале причините и мутациите кои ја промовираат големата агресивност кај некои видови рак на панкреасот.

Помеѓу подтиповите, истражувачите идентификувале имуногенетски подвид кој има способност да се „маскира“ што е одлика што ја имаат и ракот на дебелото црево и меланомот. Ова му овозможува на ракот да го избегне природниот имунолошки систем на телото, што инаку би го уништил потенцијалниот тумор.

„Ова ни дава скоро целосна слика за тоа како започнува ракот на панкреасот и што го овозможува неговиот развој. Ова ќе им овозможи на докторите да направат персонализирана терапија, прилагодена за секој пациент посебно“- истакнуваат истражувачите.

Наодите од истражувањето се објавени во списанието „Nature“.

Поддржете ја нашата работа: