Ража која џвака како човек

Истражувачите откриле еден вид на ража во реката Амазон која ја џвака храната пред да ја голтне, исто како цицачите.

Ова е прв забележен случај каде животно што не е цицач ја џвака храната пред да ја голтне.

Знаејќи дека речната ража „Potamotrygon motoro“ е една од ретките видови што се храни со цврста храна, како инсекти и школки, науниците од Универзитетот во Торонто одлучиле да го испитаат начинот на кој тие ја џвакаат храната.

Тие собрале неколку примероци од оваа ража во лабораторија и ги ставиле во специјални резервоари со стаклено дно. Потоа ги хранеле со разновидна храна, мека и цврста и ги бележеле движењата на нивните вилици на филм.

Истражувачите откриле дека ражите кои можат да ја движат и горната и долната вилица прво ја вшмукувале храната во устата, а потоа ги движеле вилиците под различни агли, се додека храната не била добро изџвакана.

Иако овој начин на џвакање не е ист како кај човекот, бидејќи се одвива под повеќе агли и движења од тие што ги дозволуваат нашите вилици – сепак, целото дејство е многу слично на процесот на џвакање кај цицачите.

chewing-stingrays

Натамошните истражувања со помош на КТ скенер покажале исто така дека овие животни имаат редица од едноставни заби кои ги користат за џвакање, слично како и ние, и дека тие ја придвижуваат храната кон устата со помош на своите перки, наместо да ја голтаат со устата како што прават рибите.

Способноста да ја фатат храната и да ја џвакаат веројатно е еволутивна придбивка што им овозможува на овој вид ражи да се хранат со многу поразновидна храна од другите видови.

Истражувачите велат дека подоброто разбирање на кој начин функционира процесот на фаќање и џвакање на пленот кај ‘рбетниците кои не се цицачи ќе придонесе уште подобро  да расветлат еволутивните процеси кои  довеле до слични системи и кај нас цицачите.

Истражувањето е објавено во „Proceedings of the Royal Society B.“

Поддржете ја нашата работа: