Научниците го откриле најстариот предок на човекот и на многу други живи суштества.
Тие откриле фосилни трагови од 540 милиони години старо суштество и тоа “исклучително добро сочувани.”
Микроскопското морско животно е првиот чекор на патот на еволуцијата што довел до појава на првите риби и на крајот до човекот.
Откритието е направено во централна Кина, а деталите се објавени во списанието „Nature”.
Истражувачите велат дека „Saccorhytus“ е најпримитивниот примерок од категоријата деутеростоми, предок на широк спектар живи суштества, вклучувајќи ги и ‘рбетниците.
„Saccorhytus“ бил долг само околу еден милиметар и живеел помеѓу зрнцата песок на морското дно.
Истражувањето е спроведено од страна на научници од Кина, Велика Британија и Германија, а меѓу нив бил и професорот Сајмон Конвеј Морис од Универзитетот во Кембриџ.
„Со голо око, фосилите што ги проучувавме изгледаа како ситни црни зрнца од песок, но под мироскоп, деталите беа зачудувачки. Ние сметаме дека овие деутеростоми претставуваат примитивен почеток на многу живи суштества вклучувајќи го и човекот. Сите деутеростоми имале заеднички предок и мислиме дека се работи за „Saccorhytus“– вели тој за „ВВС“
Досега откриените групи деутеростоми биле стари помеѓу 510 и 520 милиони години. Тие веќе биле видоизменети во ‘рбетници – групата во која спаѓаме и ние и нашите предци, но и во други животни како морски ѕвезди и морски ежови. Бидејќи тие многу се разликуваат едни од други, за научниците било тешко да утврдат како изгледал најстариот заднички предок.
„Saccorhytus“ бил прекриен со тенка, релативно флексибилна кожа и мускули и научниците смеаат дека се движел со помош на контракција на мускулите.
Научниците велат дека неговата главна карактеристика е релативно големата уста во однос на остатокот од телото, преку која веројатно ги „вшмукувале“ честичките од храна, па дури и други суштества.
Друго, исто така интересно се коничните структури на телото . Ова според научниците им овозможувало да ја исфрлат проголтаната вода, што може да претставува и првата верзија на жабрите.