Русите развија комбиниран мотор за авиони со кој авионите, покрај своите вообичаени летови, ќе можат да летаат и во атмосферата и во блиската вселена. Моторот ќе биде демонстриран на меѓународниот воено-технолошки форум „Army-2016“, изјави Сергеј Каракајев, командантот на стратешките ракетни сили на Руската Федерација.
„Army-2016“ ќе се одржи од 6 до 11 септември во градот Кубинка, во близина на Москва, и покрај останатата воена технологија, ќе го вклучува и овој мотор, односно веќе постоечкиот модел на овој мотор.
Командантот изјави дека моторот е веќе тестиран и дека неговиот работен капацитет е веќе докажан. Моторот ја има способноста да се префрли од својот воздушен модул на работа за време на летовите во атмосферата во ракетен модул за летовите во блиската вселена.
Командантот не објавил никакви детали за видот или дизајнот на авиони кои би го користеле овој мотор, но поради своите напредни карактеристики за летови до блиската вселена и назад се смета дека е наменет за борбени авиони од шестата генерација.
Рускиот заменик премиер Димитри Рогозин веќе објави дека домашни (руски) производители на авиони започнале да развиваат шеста генерација на воени авиони кои ќе имаат способност да летаат до блиската вселена и да вршат контролирани летови со хиперсонична брзина таму. Прототипот на ваквиот авион се очекува да го направи својот прв лет пред 2025 година.