Проектилот кој рускиот претседател Владимир Путин, на 1ви март го нарече „Кинжал“ беше лансиран од борбен авион на МиГ-31 кој полета од аеродром во југозападниот дел на Русија, објави руското Министерство за одбрана.
„Лансирањето се одвиваше според планот, а хиперсоничниот проектил успешно ја погоди целта“, велат од руското министерството за одбрана.
Објавен е и видеозапис од двајца пилоти кои се подготвуваат за летот, а потоа со брзи чекори се упатуваат кон авионот наоружан со големиот проектил. Видеото е проследено со патриотска музика, и покажува како проектилот се одделува од авионот и лета на небото, оставајќи зад себе огнена трага.
„Кинжал“ патува десет пати побрзо од брзината на звукот и достигнува две илјади километри.
Новиот руски борбен систем „Кинжал“ е наменет за уништување на површински и водни цели. Поради својата голема брзина проектилите се невидливи за радар, а истовремено лесно се управуваат.
Тестирањето на борбениот систем започна на 1 декември минатата година.