Ракот е застражувачка болест, но некои видови на рак може да се превенираат. Според проценките на Американската асоцијација за рак, фактички, половина од смртните случаи предизвикани од рак можат да се избегнат, преку здрав начин на живот.
Едно од најмоќните оружја за превенција на ракот е вежбањето. Покрај тоа што овозможува одржување на нормална телесна тежина, го регулира крвниот притисок и ги подобрува менталните способности, редовната физичка активност може да ја спречи и појавата на одредени болести. Неколку истражувања покажаа дека физичката активност е поврзана со намален ризик од појава на некои видови на рак, особено на ракот на дојка и на дебелото црево.
Никогаш не е доцна да се започне со вежбање. Ова се седум видови на рак, кои, како што покажале научните истражувања, можат да се превенираат со вежбање.
Рак на ендометриумот
Според истражувачите од Школата за јавно здравје на Јеил, жените кои вежбаат 150 минути и повеќе неделно, го намалуваат ризикот за појава на ендометријален рак (кој се јавува на внатрешната слузница на матката) за 34 проценти во однос на жените кои не се активни.
Истражувачите исто така откриваат дека жените кои имаат индекс на телесна маса под 25, имаат за 73 проценти помал ризик од развој на рак, во споредба со неактивни жени со индекс на телесна маса над 25. Луѓето со индекс на телесна маса над 25 се сметаат за дебели.
Колоректален рак
Луѓето со здрави животни навики, вклучувајќи го и вежбањето над 30 минути дневно, во голема мера го намалуваат ризикот од развој на колоректален рак, покажуваат истражувањата.
Учесниците што биле дел од истражувањето спроведено од Институтот за рак во Копенхаген кои следеле пет препораки од истражувачите за здрав живот, го намалиле ризикот од колоректален рак за 23 проценти. Истражувањето е базирано на резултатите од 55.489 мажи и жени на возраст од 50 и 64 години, кои биле следени во период од речиси 10 години.
Рак на простата
Иако има неколку истражувања кои не се убедливи, некои наоди сепак покажуваат дека постои поврзаност помеѓу физичката активност и намалениот ризик од развој на агресивениот рак на простата.
Според едно истражување од 2006 година, објавено во „International Journal of Cancer“, мажите кои редовно рекреативно вежбале, покажале помал ризик од равој на агресивен рак на простата и имало помал број починати од рак на простата. Друго истражување направено во Кина, а објавено во „European Journal of Epidemiology“, исто така покажува дека умереното вежбање штити од рак на простатата.
Рак на дојка
Жените кои во семејната историја имат рак на дојка, можат да го намалат ризикот за една петина со 20 минутно умерено или поинтензивно вежбање, најмаку пет пати неделно, заедно со одржување на здрав начин на живот, покажува едно истражување објавено во списанието „Breast Cancer Research“.
Дури и кај жените во менопауза, кои почнале умерено или поинтензивно да вежбаат забележани се промени во нивото на хормоните и протеините кои се поврзани со намален ризик од појава на рак на дојка, покажуваат наодите од едно истражување објавено во „Journal of Clinical Oncology“.
Некои наоди покажуваат дека ако се започне со вежбање во адолесцентниот период може да се одложи појавата на рак кај жените кои имаат мутација во „BRCA“ гените (кои се поврзани со зголемен ризик од појава на болеста), но тоа не ја спречува појавата на болеста.
Рак на белите дробови
Вежбањето може да го намали ризикот од појава на рак на бели дробови кај пушачите и кај поранешните пушачи.
Според едно истражување од 2006 година, направено од Универзитетот во Минесота, објавено во списанието „Cancer Epidemiology Biomarkers & Prevention“, жените кои повеќе вежбаат имаат многу помали шанси да заболат од рак на белите дробови, од жените кои малку вежбаат. Истражувањето било спроведена на 36.929 жени кои не биле заболени од рак и биле следени 16 години.
И мажите и жените кои умерено или интентензивно се бават со физички активности, поретко заболуваат од рак на белите дробови, особено оние кои имаат низок или среден индекс на телесна маса и пушачите, покажува едно истражување од 2003 година, објавено во „American Journal of Epidemiology“.
Рак на јајници
Иако се потребни дополнителни истражувања, постојат докази кои покажуваат дека вежбањето го намалува ризкот од развој на рак на јајници. Според едно истражување објавено во списанието „Cancer Causes & Control“, жените кои се интензивно физички активни имаат помал ризик од развој на рак на јајници, во споредба со жените кои се неактивни.
Рак на желудник
Според едно истражување од 2008 година објавено во списанието „Cancer Epidemiology Biomarkers and Prevention“, луѓето кои барем умерено се физички активни, го намалуваат ризикот од рак на желудник за 50 проценти.
Наодите од едно истражување од 2007 г. објавено во „European Journal of Cancer“, покажуваат дека луѓето кои се многу физички активни во текот на целиот живот, значително го намалуваат ризикот од појава на рак на желудник. Истражувачите од Центарот за рак во Онтарио откриле дека ризикот за развој на рак на желудник е за 20 до 40 проценти понизок кај луѓето кои интензивно вежбаат, во споредба со луѓето кои вежбаат помалку од еднаш месечно.
Сепак, некои истражувања се променливи во врска со вежбањето и намалувањето на ризикот од рак на желудник и се разликуваат во резултатите врз основа на други фактори, како што се исхраната, индексот на телесна маса и висината.
Извор: „LiveScience“.