Села на Месечината направени од 3Д печетени живеалишта, наменети за астронаутите веројатно ќе станат реалност во следната деценија. Ова е заклучокот од неодамнешната конференција на 200 научници, инженери и индустриски експерти.
Европската вселенска агенција (ЕВА), на својот Симпозиум за Месечината 2020-2030 во Холандија, минатиот месец објави дека изградбата на овие лунарни бази би можела да започне за помалку од пет години. Овие села на Месечината би можеле да бидат отскочна штица за идните мисии на Марс.
За реализација на овој план е посебно заинтересирана НАСА, со оглед на тоа дека Месечината е означена како најстратешка попатна станица за човечките мисии на Марс. Според пресметките на МИТ, лансирањата од Земјата би можеле да бидат со помала маса до 68 проценти, кога астронаутите би можеле поголемиот дел од потребното гориво за својот пат да го соберат од база на Месечината. Ако на ова се надоврзат пресметките направени од консултантската компанија на НАСА, „NexGen Space LLC“, дека попатното земање на гориво на Месечината ќе ги намали трошоците на НАСА за испраќање на луѓе на Марс за 10 милијарди долари годишно, изградбата на овие села на Месечината се чини неизбежна.
Според планот на ЕВА почнувајќи од 2020 година, на Месечината ќе бидат испратени роботи кои ќе почнат со градба на различни објекти, по што неколку години подоцна би требало да отидат и првите жители.
Во 2013 година, ЕВА во соработка со градежни компании почна да врши тестирања на различни технологии за изградба на базите на Месечината. Било утврдено дека локалните материјали се најдобра опција за изградба на објектите, што значи дека нема потреба да се пренесуваат скапи ресурси од Земјата.
Сепак, научниците се сложуваат дека дури кога ќе бидеме таму ќе може да откриеме дали ресурсите на Месечината се корисни колку што се смета дека се.
Независно дали селата на Месечината ќе се реализираат во следната деценија или не, НАСА – како што објави минатиот месец е решена да ги тргне своите астронаути од Меѓународната вселенска станица и да ги испрати во мисија во близина на Месечината. Таму, астронаутите ќе бидат на оддалеченост од Земјата која се мери со денови, наместо со часови и далеку од протективниот геомагнетен штит. Тоа ќе им овозможи подобра претстава за физичкиот и психичкиот напор со кој ќе треба да се соочат човечките мисии на Марс.
Едно со сигугурност може да се каже – пред нас се многу возбудливи времиња!