Минатата недела, Шкотска за прв пат во историјата, само од ветерни турбини генерираше рекордни 106 проценти од дневните потреби на електрична енергија.
Еколошката група „WWF Scotland“ потврди дека на 7 август 2016 година ветерните турбини во Шкотска обезбедиле 39.545 мегават-часови (MWh) електрична енергија во националната електрична мрежа, додека потребите од енергија на национално ниво за домовите, бизнисите и индустријата изнесувале само 37.202 MWh.
Сепак, мора да се напомене дека тој ден Шкотска била зафатена од силни ветрови. Брзината на ветровите достигнала неверојатни 185 км/на час, што предизвикало затворање на мостовите, доцнење на возовите и откажување на фериботите во некои делови од земјата. Прекини во електричната енергија имало во делови од Денди, четвртиот град по големина во Шкотска, а една нафтена платформа од 17.000 тони била откорната од основата и одвлечена кон брегот.
Покрај тоа, било недела, кога индустриските објекти и бизнисите имаат многу помала потреба од електрична енергија отколку во работните денови. Сепак, самиот факт дека земјата успеала да направи вакво достигнување, зборува во прилог на тоа дека обновливите извори на енергија се многу поодржливи од кога било порано како замена за фосилните горива.
Иако Шкотска има најголеми резерви на нафта во Европската Унија – што изнесуваат речиси 60 роценти од севкупните ЕУ резерви, во последните неколку години во целост се движи кон обновливата енергија.
Во април, државата објави дека има генерирано 57,7 проценти од потрошената енергија во 2015 од обновливи извори, што ја става точно на половина пат од зацртаната цел, до 2030 година целото напојување со електрична енергија да биде од обновливи извори.
Шкотска исто така планира да изгради најголема пловечка ветерна фарма на брегот од градот Питерхед, кој се наоѓа на најисточната точка од копното. Доколку се оствари, ова би можело да обезбеди енргија за 20.000 домови до крајот на 2017 година.