Необичната тројна бура во Пацификот во 2015 година е последица на прилично моќниот Ел Нињо, кога водата во окените станува исклучително топла и се пореметуваат временските прилики на глобално ниво.
Но, извештаите можат да бидат збунувачки со оглед на тоа дека понекогаш, како на пример во случајот на Кило, може да слушнете дека се нарекува тајфун, а исто така и тропски циклон.
Па, тогаш за што се работи и што всушност значат овие термини? Постои ли голема разлика помеѓу ураган, тајфун и тропски циклон?
Всушност, не постои разлика. Како што објаснуваат во Националниот океански сервис, што е дел од Националната океанска и атмосферска администрација на САД: „Ураганите, тајфуните и циклоните се исти феномени, само се користат различни имиња за овие бури во различни места. За Атлантикот и североисточниот Пацифик се употребува изразот „ураган“. Истите појави во северозападниот Пацифик се нарекуваат „тајфуни“, а во јужниот Пацифик и Индискиот Океан се нарекуваат „циклони“.
Според Националниот сервис за урагани, кога се работи за интензитетот на бурите, сепак има значителна разлика во терминологијата.
Тропска депресија: Тропски циклон со максимална непрекината брзина на ветровите од 38 милји на час, или помалку (61 км/час)
Тропска бура: Тропски циклон со максимална непрекината брзина на ветровите помеѓу 39 и 73 милји на час (од 62 до 117 км/час)
Ураган /Тајфун /Тропски циклон: Во основа ова се тропски циклони со максимална непрекината брзина на ветровите од 74 милји на час или повеќе (119 км/час).
Големи Урагани /Тајфуни /Тропски циклони: Тропски циклони со максимална непрекината брзина на ветровите од 111 милји на час или повеќе (178 км/час), коишто спаѓаат во категоријата 3, 4 и 5, според Сафир-Симпсоновата скала на урагани.