Неодамна, холандскиот онлајн телевизиски канал „LifeHunters“ покажа што овие наши омилени задоволства му прават на телото, преку еден експеримент, каде водителот треба да се откаже од шеќер и алкохол во период од 30 дена. Иако ова изгледа многу полесно да се каже, отколку да се направи, поради здравствените придобивки, предизвикот вреди да се прифати.
Пред експериментот, на водителот Саша, од страна на доктор му е извршена проценка на здравствената состојба. Според наодите докторот констатирал дека севкупното здравје му е добро, само нивото на холестерол му е малку повисоко.
„Љубопитен сум да видам што може да направи здравата исхрана“, им вели Саша на гледачите, со нетрпение очекувајќи да почне со постењето.
Уште во првите денови од предизвикот може да се види дека ентузијазмот на Саша почнува да опаѓа, а една од причините зошто откажувањето од шеќерите е тешко е и тоа што засладувачите се додаваат во сѐ што јадеме. Саша почнува да чувствува апстинентска криза и вели дека апстиненцијата од шеќери го прави постојано гладен и нервозен. Сепак до крајот на месецот, желбата на Саша за шеќери не само што ќе се повлече, туку тој изјавува дека е во подобра форма и има повеќе енергија. На биолошко ниво, тој изгубил околу 4 килограми, а крвниот притисок му се намалил од 135 на 125.
Покрај тоа што експериментот е интересен, тој носи и подлабока порака. Со оглед на тоа дека се’ поголем број на лица во развиените земји имаат зголемена тежина или се дебели, само со една едноставна работа, како што е исхраната која содржи што помалку шеќер и алкохол, може значително да се подобри здравјето за краток временски период.