Но, повредите на овој лигамент се многу чести и кај останатата популација, не само кај спортиститe. Според податоците на Aмериканската асоцијација на ортопедски хирурзи, секоја година во САД, се изведуваат преку 250 000 хируршки интервенции на овој лигамент.
Поради нееластичноста и склоноста кон пукање, како и неможноста за самозаздравување, хирурзите овој лигамент го заменуваат со дел од пателарната тетива. Меѓутоа, после ваквите интервенции, голем дел од пациентите се соочуваат со постојани болки и непријатност во коленото.
Истражувачите од Универзитетот „Нортвестерн“ на чело со професорот Џулиермо Амер работат на создавање на вештачки лигамент. Тој се состои од три компоненти – полиестерски влакна кои се вплетени за да ја зголемат цврстината и издржливоста; природен антиоксидант и порозна материја, претходно лабораториски создадени; и нанокристали од калциум кои природно ги има во коските и забите кај човекот.
За време на хируршката интервенција се бушат каналчиња во коските на надколеницата и подколеницата кои служат да го фиксираат новиот лигамент. Краевите на вештачкиот лигаментот, кои по составот се слични со коската, зараснуваат со природната коска во каналчињата и на тој начин го прицврстуваат лигаментот.
Иако се потребни дополнителни испитувања со кои би се проценила потенцијалната употреба на овој пристап кај луѓето, досегашните испитувања вршени на животни покажуваат дека има причина за оптимизам, велат истражувачите.
„Вештачкиот лигамент е биокомпатибилен и може да го стабилизира коленото овозможувајќи му на животното да функционира. Најважно е дека веројатно откривме начин вештачкиот лигамент да го интегрираме во природната коска. Со тоа што ќе се зачува пателарниот лигамент многу се поголеми шансите да се одржи природната биомеханика на коленото“, вели професорот Амер.