Со ботокс против рак на желудник

Една од методите за третман на ракот на желудник е и ваготомијата, процедура каде се пресекуваат гранките на вагусниот нерв (анг. vagus nerve),односно нерв кој учествува во инервацијата на желудникот. Бидејќи нервниот систем влијае на однесувањето на  одредени клетки, тоа може, во некои случаи, да го потпомогне растот на туморот.

vagotomija

Се смета дека еден од начините преку кој нервите го стимулираат ракот е преку испуштање на т.н. сигнализирачки хемикалии. Но бидејќи ваготомијата е многу инвазивна процедура, тим на научници од Универзитетот Колумбија во Њујорк на чело со Тимоти Вонг (анг.Timothy Wong), се обиделе  да го постигнат истиот ефект со ботокс. Ботоксот навлегува во нервните клетки и ги спречува да ослободуваат сигнализирачки хемикалии кои го стимулираат растот на туморот.

На глувци кои имале рак на желудник, им е вбризган ботокс, а потоа растот на туморот е спореден со друга група на глувци со рак на желудник, на кои им е извршена ваготомија. Резултатите покажале дека ботоксот имал ист ефект во ограничувањето на растот на туморот, како и ваготомијата, меѓутоа кога се работи за рак во рана фаза. Кај напредните стадиуми, ботоксот не можел да ја намали веќе постоечката големина на туморот.

Меѓутоа, ботоксот го стопирал  растот на новонастанатите израстоци, па научниците се обиделе да го комбинираат ботоксот со хемотерапијата. Иако ботоксот и хемотерапијата поединечно имале многу мал ефект врз новите тумори, туморот кај глувците кои ги примиле двата третмана бил двојно  помал од туморот кај глувците кои не примиле никаков третман.

Продолжување на животот

„Кај пациенти со напредна фаза на рак, што не сакате да ги оперирате, би можеле да користите комбинација на ботокс и хемотерапија. Инекциите би можеле да помогнат во контролата на натамошниот раст на туморите што ќе овозможи и продолжување на животот”вели Вонг.

Бидејќи, за жал, ракот на желудник не е особено осетлив на хемотерапија, комбинацијата со ботокс би можела да биде поефикасен пристап во лекувањето.

Следните планови на тимот на Вонг се да го употребат ботоксот кај пациенти со напредна фаза на болеста кои покажале отпорност на хемотерапија.

Студијата можете подетално да ја разгледата тука.

енаука.мк ( реобјавена статија )

Поддржете ја нашата работа: