Со музика против болката

Пациентите на педијатрија, кои 30 мин. слушале песни од Ријана, Тејлор Свифт или други пејачи по нивен избор, како и аудио книги, имале значително намалување на болката по голема операција, се вели во едно истражување од Универзитетот Нортвестерн, објавено во „Pediatric Surgery“.

Стратегијата за да се контролира болката после операција без лекови е особено важна бидејќи опиоидните анелгетици, кои најчесто се користат за да се контролира болката после операција, може да предизвикаат проблеми со дишењето кај децата. Таква стратегија е аудио терапијата, вели главниот истражувач д-р Сантанам Суреш. „Евтина е и нема несакани последици“.

„Она што се обидуваме да го направиме е малку да го измамиме мозокот и да ги насочиме менаталните канали на нешто друго. Идејата е дека ако не мислиш на болката, можеби нема толку да ја чувствуваш“, објаснува Суреш.

Во истражувањето учествувале 60 деца, на возраст од 9 до 14 години, поделени во три групи: едната група слушала музика по свој избор, другата слушала приказни по свој избор, а третата не слушала ништо, односно им биле ставени слушалки за да бидат во целосна тишина. Сето тоа траело 30 минути. Кај сите деца била направена проценка на болката пред и по аудио терапијата.

Важен аспект на третманот било тоа што пациентите сами си ја избирале музиката, од различен жанр, вклучувајќи поп, кантри, рок и класика, бидејќи сепак се работи за вкус. Кај децата од првата група, односно оние кои слушале музика, било забележано значително намалување на болката. Еден од највредните аспекти била можноста пациентите да продолжат со своја аудио терапија, односно по одредено време тие започнале сами да си носат сопствена музика. Истиот ефект бил забележан и кај децата од втората група, односно оние кои слушале аудио книги. Децата се смирувале и заспивале.

Досегашните претходни истражувања ја мереле ефикасноста на музиката само за време на кратки медицински процедури и не покажувале дали самата музика влијае на перцепцијата за болка, како и дали алтернативна аудио терапија би била подеднакво ефикасна.

Ова е првото рандомизирано истражување кое ја проценува и демонстрира употребата на аудио терапијата како ветувачка стратегија за контролирање на болката после операција кај децата.

Поддржете ја нашата работа: