Ревматоидниот артритис и темпоралниот артеритис се автоимуни состојби при кои телото погрешно ги напаѓа сопствените ткива и органи. РА ги воспалува зглобовите и доколку не се лекува може да предизвика огромна штета (осакатување). ТА ги воспалува ѕидовите на артериите и предизвикува главоболки, болки во вилицата, проблеми со видот, па дури и слепило кај потешките случаи.
Авторите на истражувањето, Сајмон Винг, физичар од Универзитетот Џонс Хопкинс, и неговата жена Лиса Рајдер од Националниот институт за здравје ги разгледувале податоците од клиниката Мајо во Рочестер, Минесота и забележале дека случаите на РА и ТА следеле 10- годишен циклус. Само неколку работи во природата имаат периодичност од околу 10-11 години. Соларниот циклус е еден од нив.
За да истражуваат понатаму, се здружиле со Џеј Џонсон, физичар од лабораторијата Принстон Плазма. Заедно, тие откриле дека појавата на РА и ТА е во периодична согласност со циклусот на магнетна активност на Сонцето. За време на соларниот циклус, драматичните промени кои може да влијаат на времето во близина на Земјата, се случуваат во Сонцето. На пример, за време на соларниот максимум, преку процесот на исфрлање на коронална маса, милиони тони на магнетен и наелектризиран плазма гас се исфрлаат кон магнетосферата на Земјата. Овој контакт предизвикува геомагнетни нарушувања, кои пак може да ги оштетат сателитите и телефонските мрежи и услуги. Покрај тоа, кога соларниот максимум започнува да се намалува, се создаваат струи од плазма, кои постојано се удираат од магнетосферата на Земјата, предизвикувајќи зголемена геомагнетна активност.
Истражувачите ги споредувале индексите на ултравиолетова соларна радијација од 1950 до 2007 година и индексите на геомагнетна активност од 1966 до 2007 година. Ги вклучиле сите 207 случаи на ТА и 1179 случаи на РА од клиниката Мајо. Резултатите покажале најсилна поврзаност помеѓу болестите и геомагнетната активност – РА редовно го достигнувал својот максимум во рок од една година по најинтензивната геомагнетна активност, а својот минимум во рок од една година по најслабата геомагнетна активност. Корелацијата со ТА била понестабилна и било потребно значително подолго време за да покаже некакви резултати.
Авторите немаат причинско – последична врска за своите откритија, но укажуваат на неколкуте карактеристики кои не можат да се објаснат со ниту една од водечките хипотези во моментов, како на пример нееднаквата појава на болестите на исток и запад и периодичноста во согласност со соларниот циклус. За сега, овие резултати гарантираат само доплонителни истражувања на подолг временски период, на дополнителни локации и други автоимуни болести.
Истражувањето е објавено во „BMJ Open“.