Тимот кој стои зад подвигот се надева дека ова ќе изврши трансформација во разбирањето на невролошките болести.
Минијатурниот мозок нема свест и наликува на оној од пет недели стар фетус, но потенцијално би можел да биде корисен за изучување на развојните болести. Исто така може да се користи за тестирање на лекови за состојби како што се Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест, бидејќи тие влијаат на региони кои се формираат во раната фаза на развојот на мозокот.
Мозокот, кој е со големина на гума од молив е создаден од клетки на кожата на возрасен човек и е најкомплетен модел на човечки мозок досега, тврди Рене Ананд, кој го презентираше трудот денеска на Симпозиумот за воени и медицински истражувања во Флорида.
Ананд и неговите колеги тврдат дека репродуцирале 99% различни мозочни клетки и гени. Тие велат дека нивниот мозок содржи ‘рбетен мозок, сигнални кола, па дури и мрежница.
„Етичките преокупации се изолирани. Ние немаме никакви сетилни дразби кои влегуваат во мозокот. Мозокот не размислува на било кој начин“.
Ананд тврди дека мозокот е создаден со конвертирање на клетки од кожата на возрасните во плурипотентни клетки: матични клетки кои можат да се програмираат да станат било кое ткиво во телото. Потоа го чувале во специјализирана средина, со цел матичните клетки да прераснат во сите различни делови на мозокот и централниот нервен систем.
Според Ананд, тоа трае околу 12 седмици, што наликува на доспевање на 5 неделен фетус. За да се оди подалеку, неопходна е мрежа од крвни садови кои тимот се’ уште не може да ги произведе. Всушност, потребно е вештачко срце за понатамошен развој на мозокот.
Неколку истражувачи контактирани од страна на весникот „Гардијан“ велат дека е тешко да се суди за квалитетот на работата, без пристап до повеќе податоци, кои Ананд ги држи во тајност поради процедурата за патентирање.
Замел Кадер, консултант невролог во болницата Џон Редклиф во Оксфорд, вели дека иако работата звучи многу возбудливо, рано е да се процени потенцијалното влијание. Кога некој дава извонредни тврдења како ова, ќе треба да биде претпазлив, до откривањето на комплетните податоци.
Ако тврдењата на тимот се покажат како точни, оваа техника може да ја револуционизира медицината. Ако имате наследна болест, на пример, може да дадете примерок од клетките на кожата од кои ќе се создаде мозок, а потоа ќе се види што всушност се случува.
Исто така, може да се тестира ефектот на различни токсини врз мозокот во развој, односно експресијата на секој ген во човечкиот геном во секоја фаза од развој и да се видат промените под влијание на различни токсини.
За сега, тимот вели дека се фокусира на користење на мозокот за воени истражувања, за да се разбере ефектот на посттрауматското стресно нарушување и трауматските повреди на мозокот.