На 7 април секоја година, под покровителство на Светската здравствена организација (СЗО) се одбележува Светскиот ден на здравјето — ден посветен на подигање на свеста за здравјето на луѓето ширум светот.
Оваа година овој ден е посветен на дијабетесот и по тој повод СЗО го објави првиот глобален извештај за дијабетесот. Резултатите се застрашувачки.
Случаите на дијабетес ширум светот речиси четирикратно се зголемиле во текот на последниве 25 години, главно како резултат на дебелината и се’ поголемото конзумирање на храна и пијалоци богати со шеќер. СЗО предвидува дека до 2030 година, дијабетесот ќе биде седмата водечка причина за смрт во светот, па токму поради тоа одбра денеска да ја покрене свеста за оваа болест.
Дијабетесот е хронична состојба при која панкреасот не произведува доволно инсулин за да се разложи шеќерот од храната, или пак произведува доволно, но телото не може ефикасно да го искористи при што доаѓа до натрупување на опасни нивоа на шеќер во крвта, што може да доведе до хипергликемија (премногу шеќер во крвта) или хипогликемија (премалку шеќер во крвта).
Со текот на времето може да настанат и поголеми компликации како слепило, срцев или мозочен удар, оштетување на нервите, откажување на бубрезите, импотенција и ампутации.
Од организацијата препорачуваат да се обрне повеќе внимание на секојдневниот живот за да се избегне дебелината, односно да се конзумира здрава храна и да се практикува некаква форма на физичка активност.