Некои видови, на пример, имаат посебни места каде што го исфрлаат отпадот, вклучувајќи ги и фекалиите.
Научниците од Универзитетот во Регенсбург, Германија испитувале еден чест вид на црни мравки кои живеат во Европа и откриле дека тие имаат посебни дупки надвор од нивното гнездо кои ги полнат со остатоци од храна, трупови на мртви мравки и други отпадоци. Покрај тоа, научниците забележале и различни, темни дамки во гнездата кои сметаат дека мравките ги користат како тоалет.
За да откријат дали е тоа така, научниците спровеле експеримент. Конструирале 21 гнездо од гипс во својата лабораторија. Во секое гнездо, со дијаметар од 9 сантиметри, била сместена група од 150 до 300 мравки. Потоа гнездата биле сместени во поголеми кутии каде што мравките имале доволно простор за да бараат храна. Научниците ги хранеле мравките со шеќерен раствор во црвена или сина боја. Исто така им давале и протеинска храна со друга боја. Еднаш неделно, во период од два месеци, ги фотографирале гнездата. Истовремено, научници кои не биле запознаени со експериментот ги обележувале локациите на темните дупки во гнездата и ја истакнувале нивната боја.
Секое гнездо имало најмалку по една дамка, а некои имале дури четири. Дамките начесто се наоѓале во ќошевите на гнездата и секогаш ја имале бојата на шеќерниот раствор. Тука никогаш не биле пронајдени отпадоци или пак остатоци од протеинската храна со друга боја, бидејќи тие биле сместени во купови надвор од гнездата. Затоа, научниците ги споредуваат овие места во гнездата со тоалети, бидејќи таму имало само фекалии.
Иако и други истражувачи и претходно забележале слични структури во гнездата на мравките, ова е прв пат некој формално да пријави пронаоѓање на тоалет за мравки. Би биле потребни понатамошни истражувања за да се утврди точната улога на тоалетите.
Резултатите се објавени во “PLOS ONE“.