Отпорноста на антибиотиците е огромна криза која во моментов му се заканува на целиот свет. Според проценките, повеќе од 700.000 луѓе умираат од инфекции отпорни на антибиотици секоја година во целиот свет, и притоа бактериите продолжуваат да се развиваат против третманите кои им делуваат.
За да го решат овој проблем, истражувачите се во потрага по одговори на најневеројатното место – грбот на мравката.
Истражувачите откриле мравки кои негуваат бактерија која може да ја користат против инвазијата на габи и микроби, и тоа може да е новиот потенцијален извор на антибиотици. Тие го стесниле пребарувањето на овој посебен вид на мравки кои ги негуваат габите како извор на храна, како што се листојадните мравки кои се наоѓаат во Северна и Јужна Америка.
Овие мравки ги носат листовите назад во своите гнезда и ги оставаат на земја за да ги разложат габите. Тогаш габите стануваат нивниот извор на храна. Се се одвива добро, се додека не се појават и други видови на габи во гнездото, што ги убиваат и мравките и веќе формираните габи. За да се заштитат себе си, мравките изградиле симбиотски однос со одредени бактерии кои излачуваат антибактериски и антигабични состојки. Овие бактерии изгледаат како шеќер во прав посеан на грбот на мравките.
Оваа војна помеѓу мравките и штетните габи се случува милиони години, па техниките и соединенијата кои ги користат мравките имале време да се рафинираат и да се подобрат. Ова им дава солидна основа на истражувачите за да ги испробаат новите идеи за правење на лек за борба против отпорноста кон антибиотиците.
Истражувањата од овој тип започнале уште во 90-тите години и не само што овозможиле антибиотици и антигабични третмани, туку исто така им овозможиле на истражувачите да истражуваат дали може да ги користат мравките за да развијат лек против рак и паразити. Покрај развојот на нови лекови, тие исто така ја истражуваат и употребата на вируси за да се уништат бактериите, па дури и нанотехнолошки решенија за борба против отпорноста.