Универзумот умира

Времето на универзумот полека му истекува и тој умира – тоа се наодите на најопфатната студија досега направена за вкупната енергија на универзумот.

Сепак, нема место за паника, бидејќи имаме отприлика уште стотина милијарди години пред да умрат последните ѕвезди.

Овие наоди, кои се базирани на истражувањето на енергијата на над 200.000 галаксии, беа презентирани од меѓународен тим на научници на Генералното собрание на Меѓународната астрономска унија во Хонолулу.

Фактот дека универзумот полека исчезнува е познат уште од доцните 1990-ти години, но новите податоци од проектот ГАМА покажуваат дека тоа се случува низ 21 различна бранова должина, од ултравиолетово, до далечно инфрацрвено подрачје.

„Денешните галаксии продуцираат половина од енергијата на галаксиите од пред две милијарди години“ – вели шефот на проектот, професор Сајмон Драјвер од Меѓународниот центар за радио астрономски истражувања во Западна Австралија.

Истражувачите пресметале дека најстарите ѕвезди со најмала маса кои согоруват многу бавно, би требало да светат уште околу 100 милијарди години. Иако има помалку енергија, истражувањето покажало дека денес има многу повеќе ѕвезди од кога било порано.

„Но, сега сме во фаза кога многу повеќе маса се губи отколку што се формира “ – вели Драјвер.

Драјвер и неговите колеги проучувале како се формираат различни типови на галаксии, преку мапирање на енергијата генерирана во одреден волумен во вселената. Со мапирањето е опфатен период од пет милијарди години и избрани се галаксии во различни фази.

„Можеме да ги разгледаме тие галаксии во различни периоди од времето и да видиме како галаксиите се менуваат со текот на времето“- вели Драјвер. Целата енергија во универзумот е создадена од големата експлозија (Биг-Бенг), од која еден дел е затворена како маса.

Галаксиите оддаваат различно количество на енергија во различни бранови должини. Младите ѕвезди светат во високо ултравиолетово, постарите ѕвезди во видливиот спектар, жешката прашина свети во средно инфрацрвено, а ладната прашина во далечно инфрацрвено подрачје.

„Значи ако сакаме да ја измериме целата енергија, треба да ги измериме сите галаксии во сите бранови должини“- вели Драјвер.

Сепак, тој признава дека не се знае доволно за необичните својства на црната енергија, за да може да се покријат сите можности и дека во истражувањето не е земен енергетскиот придонес на гама-зраците, х-зраците и радио брановите. Драјвер се надева дека ќе се прошират истражувањата за мапирање на енергијата од севкупната историја на универзумот со помош на новите телескопи со х-зраци и објекти како телескопот „Square Kilometre Array“, што се гради во Западна Австралија и Јужна Африка.

Поддржете ја нашата работа: