Велика Британија одобри генетска модификација на човечки ембриони

Научниците од Велика Британија добија дозвола да вршат едитирање на гени од човечки ембриони за научни цели, со техника која според некои ќе доведе до креирање на „дизајнирани бебиња“.

Нецела година откако кинеските научници предизвикаа гнев во меѓународната јавност со објавата дека генетски модифицирале човечки ембрион, Кети Ниакан, научник од лондонскиот институт Френсис Кларк, доби лиценца за вршење слични експерименти.

„Агенцијата за хумана фертилизација и ембриологија (HFEA) го одобри барањето на Институтот Френсис Кларк да ја користи новата техника за „едитирање на гени“ на човечки ембриони“- изјавија во понеделникот од лабораторијата на Ниакон.

Тие истакнуваат дека ова ќе се врши „исклучиво за истражувачки цели и ќе се проучува развојот на оплодените јајни клетки во првите седум дена, на една па до околу 250 клетки“.

Ниакан планира при истражувањата да ја користи техниката „CRISPR-Cas9“, која веќе предизвика меѓународна дебата поради стравувањата дека може да се користи за креирање на бебиња по нарачка.

„CRISPR“ им овозможува на научниците да ги откријат и да ги модифицираат или заменат генетските дефекти.

Дејвид Кинг, директор на британската лоби група „Human Genetics Alert“, го нарече планот на Ниакон „прв чекор на патот кон легализација на генетски модифицирани бебиња“.

Но, Ниакан тврди дека нема намера да врши генетски модификации на ембрионите што ќе се користат за човечка репродукција, туку дека сака да ги продлабочи научните сознанија за тоа како се развива здрав човечки ембрион – нешто што на долг рок ќе помогне да се подобрат третманите за неплодност.

На брифингот за новинарите минатиот месец во Лондон, таа изјави дека првиот ген што ќе го истражува е генот наречен „Oct4“, за којшто верува дека игра клучна улога во најраните фази од развојот на фетусот кај човекот.

Брус Вителоу, професор по биотехнологија од Институтот Розалин од Шкотска при Универзитетот во Единбург, изјави дека „HFEA“ одлуката ја донела после „интензивна проценка“.

„Овој проект, преку подобрување на сознанијата за тоа како се развива и расте ембрионот во раната фаза, ќе ги надополни научните сознанија потребни за осмислување на стратегија што ќе им помогне на неплодните парови и ќе ја редуцира можноста за абортус“- вели тој.  

Поддржете ја нашата работа: