Велика Британија на чекор до генетско модифицирање на човечки ембриони

Британските научници неодамна побараа дозвола и сега ја чекаат одлуката на Комисијата за хумана фертилизација и ембриологија за тоа дали едитирањето на „вишокот“ ембриони од ин витро оплодувањата за истражувачки цели ќе биде легализирано.

Ако ова биде одобрено, научниците од Институтот Френсис Крик во Лондон велат дека веднаш би можеле да започнат со работа, а првите трансгенетски човечки ембриони создадени во земјата би можеле да се очекуваат во рок од следните неколку недели или месеци.

Уредувањето на гените во ембрион е многу контроверзна тема. Некои веруваат дека тоа ќе претставува непроценлив начин за спречување на генетските заболувања, додека други сметаат дека тоа со време ќе се користи за „дизајнирање бебиња“ и за други неетички намени, како и дека ќе влијае на идните генерации на начин кој не може да се предвиди. Оваа постапка е забранета во САД, додека кинеските научници беа предмет на жестока критика за нивните рани експерименти (иако беа користени неодржливи ембриони од кои не може да се зачне дете).

Во Велика Британија дозволено е да се користи техниката за уредување на гени само доколу ембрионите на крај бидат уништени. Бидејќи Институтот Френсис Крик е првата организација која аплицирала за лиценца под овие услови, ова претставува нешто како пробен случај, па затоа и одлуката се чека со толку големо внимание.  

Научниците кои ја поднеле апликацијата сакаат да ги проучуваат основните причини за неплодност во ембрионите во периодот од првите седум дена од нивниот живот – позната како фаза бластоцист. Секако ќе биде забрането овие ембриони да се имплантираат во матка, иако и нучниците тврдат дека тие и немаат таква намера. Но ако тестирањата се покажат успешни во намалувањето на ризикот од спонтан абортус, притисокот да се дозволат генетски модифицирани бебиња ќе порасне.

Научниците од Институтот Френсис Крик ќе ја користат новата техника за едитирање на гени наречена „CRISPR/Cas9“, која им овозможува да ја „отсечат“ нездравата ДНК и да „вметнат“ подобрена алтернатива. Од нејзиното откривање пред три години, процедурата „CRISPR/Cas9“ стана поедноставна, а нејзината примена поевтина.

Роберт Ловел-Беџ од Институтот Френсис Крик, во „The Independent“ дава пример како би можело да се користи уредувањето на гените:

„Ако откриете дека дека некои луѓе носат генетска мутација што значи дека ембрионот не може да се имплантира во матката, тогаш може да се размислува за можноста да се употреби техниката за уредување на гените за да се направат измени кои ќе им овозможат на потомците на таа жена нормална репродукција“.

Сепак, кога еднаш ќе се помине границата, враќање назад нема. Дејвид Кинг од лоби групата „Human Genetics Alert“ вели дека одобрението „ќе биде првиот чекор на патот кој научниците внимателно го зацртале кон легализација на генетски модифицирани бебиња“.

Поддржете ја нашата работа: