Колку повеќе се запознаваме со вирусот Зика кој го пренесуваат комарците, толку повеќе се загрижуваме.
Најновите несреќни вести доаѓаат од тим на италијански доктори кои известуваат за чуден случај на 32-годишна жена која се заразила со Зика додека престојувала во Доминиканската република оваа пролет. Кога се вратила во Италија во средината на април, таа веднаш добила осип, треска, главоболка и мускулна слабост – симптоми кои се поврзуваат со инфекција со вирусот Зика.
Но, оваа жена исто така имала проблеми со меморијата и концентрацијата во период од две недели. Понатамошните тестови го потврдиле присуството на вирусот во нејзиното тело, особено во централниот нервен систем и во вагината.
Иако жената целосно оздравела, докторите заклучиле дека вирусот моментално предизвикал ненадејно отекување на мозокот, или енцефалитис, за време на инфекцијата. Ова е редок но загрижувачки разултат кој ја истакнува потребата за рано идентификување на невролошките симптоми поврзани со вирусот Зика.
Вирусот Зика е најмногу познат по штетните невролошки ефекти кои може да ги има на најмладите – на развојот на фетусот во текот на првото тромесечје, што може да доведе до голем број на дефекти при раѓањето, кои вклучуваат деформирани зглобови, смален и изобличен мозок, како и губење на видот и слухот.
Спротивно на ова, само 20% од возрасните инфицирани со Зика покажуваат некакви симптоми, но докторите сега знаат дека вирусот може да предизвика оштетувања и на мозокот кај возрасните.
Постојат и други изолирани случаи на енцефалитис предизвикан од Зика, како и истражувања со глувци кои покажале дека вирусот може да го инфицира мозокот и кај возрасните и да ги уништи мозочните клетки.
Овие наоди ја покреваат можноста дека Зика не е само минлива инфекција кај возрасните и дека изложеноста на вирусот може да има влијание на долгорочната меморија или ризикот за депресија, истакнуваат научниците.
Истражувањето е објавено во „Emerging Infectious Diseases“.