Во нашиот сончев систем има уште најмалку две нови неоткриени планети?

Во јануари, научниците од Калифорнискиот институт за технологија, на чело со астрономот Мајк Браун, објавија дека откриле докази за огромна планета на работ на нашиот Сончев систем, на оддалеченост од 149 милијарди километри од Сонцето, или 75 пати подалеку од Плутон. Тие проценуваат дека планетата е 10 пати помасивна од Земјата и дека има исклучително издолжена орбита за која и се потребни помеѓу 10 и 20 илјади години за да ја исполни.

Сега, тим на астрономи направи нови пресметки на податоците кои ја поттикнаа оваа хипотеза и според новите бројки, оваа хипотетичка планета можеби не е сама. Астрономите велат дека може да има уште неколку планети на работ на нашиот сончев систем кои допрва треба да ги откриеме.

Научниците од Калифорнискиот институт за технологија ја засноваат својата хипотеза за постоењето на Планетата Девет на необичното движење на шест објекти во Кајперовиот појас, што укажува на тоа дека нивната орбита е обликувана од скриена планета.

Но, сега, новиот тим на астрономи сугерира дека овие објекти во Кајперовиот појас, конкретно класифицирани како екстремни транс-нептунски објекти (што значи објекти кои орбитираат околу Сонцето зад Нептун) може да не се толку стабилни како што претходно се мислеше.

Според нивните нови пресметки, овие објекти би требало да се движат во долги нестабилни орбити. Со други зборови, влијанието на гравитацијата на Планетата Девет би можело да ги направи овие објекти премногу нестабилни за да се движат на начинот на кој научниците од Калифорнија мислат дека се движат.

„Овие објекти би можеле да избегаат од сончевиот систем за помалку од 1,5 милијарди години, а три од нив за само 300 милиони години. Што е уште поважно, нивните орбити би станале навистина нестабилни за само 10 милиони години, што е многу краток временски период во астрономски термини“, велат истражувачите.

Според истражувачите, нивната стабилност би можела да се должи на гравитацијата на повеќе планети скриени на крајот на сончевиот систем, а не само на Планетата Девет. Тоа значи дека Планетата Девет можеби има друштво од уште една, па дури и повеќе планети.

Многу научници не се убедени од овие нови откритија и се’ уште не е јасно што точно се случува со овие пресметки и како може една речиси идентична анализа да покаже речиси целосно спротивни резултати. Во секој случај, астрономската заедница е многу возбудена за пронаоѓањето на се’ уште непотврдената Планета Деевет и со оглед на тоа колку многу истражувања во моментов се насочени во таа насока, би требало наскоро да имаме повеќе одговори.

Наодите се објавени во „Monthly Notices of the Royal Astronomical Society: Letters“.

Поддржете ја нашата работа: