Вулканот од Господарот на прстените пред ерупција

Планината Руапеху, што се наоѓа на северниот остров на Нов Зеланд, покажува знаци на скорешна ерупција – предупредуваат експертите.

Овој вулкан е најголемиот активен вулкан во Нов Зеланд и воедно е искористен во филмот Господарот на прстените за сцените кај Проклетата Планина (Mount Doom).

Во средата, опасноста од вулканска активност била подигната на второ ниво (умерена до зголемена активност), а властите издале предупредување до туристите и планинарите да не се приближуваат во областа околу отворот на кратерот поблиску од 2 километри.

mount-ruapehu-mount-doom

Неодамна вулканолозите потврдиле зголемена продукција на вулкански гас. Покрај тоа во април на планината се регистрирани серија потреси, додека температурата во кратерот е во постојан пораст од минатиот месец и се покачила од 25 на 46 степени Целзиусови.

Ова не значи дека вулканот дефинитивно ќе еруптира. Кратерот поминува низ многу природни процеси на загревање и ладење. Од 2010 година се забележани осум вакви циклуси, но ниеден од нив не бил поврзан со ерупција.

Сепак, комбинацијата од гас и сеизмичка активност, заедно со зголемувањето на температурата во кратерот се доволна причина за луѓето да се држат на безбедна далечина од кратерот.

Mount-Ruapehu-Lord-of-the-Rings-Filming-Location

Раупеху е најактивниот вулкан на северниот остров на Нов Зеланд. Еруптирал најмалку 60 пати од 1945 година, но за среќа нема многу простор за загриженост, бидејќи најголем број од ерупциите биле минорни.

Последен пат тоа се случило во 2007 година, а забележен бил само еден случај на повреда, кога на еден планинар во областа му се заглавила ногата во камен.

Според експертите најголема опасност од вулканот претставува „лахарот“-  каллив проток што се случува доколку ѕидот на кратерот се сруши. Исто така, може да биде погоден и воздушниот сообраќај, како што беше случај минатата година при ерупција на вулканот Етна, или ерупцијата на Ејафјадлајекидл во 2010 година.

Во секој случај, истражувачите ќе продолжат внимателно да го надгледуваат овој регион во следните неколку недели, па да се надеваме дека ќе има навремено предупредување во случај на ерупција.

Поддржете ја нашата работа: