Научниците од Велика Британија открија едноставен начин како да го зголемат вкусот на нашиот омилен утрински пијалок. Едноставно, пред да се измеле, зрната кафе треба да се замрзнат.
Се разбира, страсните љубители на кафе веќе го чуваат своето кафе во фрижидерот или замрзнувачот за да ја зачуваат свежината, но според истражувачите од Универзитетот во Бат, ладењето на зрната пред да се измелат не само што го спречува нивното расипување, туку и овозможува подобра екстракција на вкусот и аромата.
Научниците експериментирале со мелење на кафе на различни температури во лабораторија (од собна температура до –196°C) и откриле дека колку што е поладно зрното, толку е подобро мелењето и вкусот.
За жал, ретко кој од нас има фрижидери кои би можеле да ги оладат зрната кафе до температура од –196°C, но без оглед на тоа, важи истиот принцип – колку поладно, толку повкусно.
Сега кога знаете како да го чувате и мелете вашето кафе, немојте да го пиете во погрешно време од денот. Повеќето од нас уживаат во шолја кафе рано наутро, само што ќе ги отворат очите, но за да виде најефективно, подобро е да почекате до средината на утрото, помеѓу 9.30 и 11.30 часот.
Покрај тоа, не се потпирајте премногу на кафето кога треба да останете будни. Едно неодамнешно истражување покажува дека по неколку ноќи последователно недоволно спиење, кофеинот не влијае на будноста.
И не заборавајте, Светската здравствена организација советува да не се пие премногу топло кафе, бидејќи премногу топлите пијалоци може да се поврзани со рак на хранопроводникот.
По се’ изгледа дека и пиењето на кафе не било толку лесно.