Истражувачите од САД развиле автономен хуруршки робот специјално дизајниран за да шие меки ткива. При тестирањето, ова машина која, да нагласиме, работи целосно самостојно без човечка контрола, ги надмина искусните човечки хирурзи при операција на примероци од свиња.
„Нашите резултати го демонстрираат потенцијалот на автономните роботи да ја подобрат ефикасност, конзистентноста, функционалниот исход и пристапноста на хируршките техники“, истакнуваат истражувачите.
Целта на оваа демонстрација не е да се заменат човечките хирурзи, туку да се прошири човечкиот капацитет и способност преку комплементарни машини за да се постигнат подобри хируршки резултати.
И досега се користеле роботи при хируршки интервенции, но сите тие биле ограничени само на случаи со груба анатомија, како на пример сечење коски, бидејќи се попредвидливи. Со помош на нов метод на следење на ткивото и мерење на применетата сила, заедно со софтвер за автоматско шиење, новиот роботски систем кој е наречен „Smart Tissue Autonomous Robot“ (STAR) може да го детектира произволното движење на ткивата и автоматски да се прилагоди.
При операцијата на примероци од свиња, која вклучувала зашивање на две цевчести структури, како што се крвните садови, роботот покажал подобри резултати од човекот, во однос на квалитетот и бројот на грешки, но послаби во однос на времето кое му било потребно за да ја заврши операцијата. Во тестирањето кое вклучувало живи објекти, на роботот му биле потребни 35 минути, во споредба со човечкиот хирург на кој му биле потребни само 8 минути. Но, истражувачите велат дека во случајов тие се фокусирале на исходот и прецизноста, а не на брзината. Во моментов тие бараат комерцијален партнер за да ја внесат оваа технологија во болниците.
Секако, докторите ќе треба да им објаснат на пациентите дека роботот е целосно независен од останатиот медицински тим, што може да предизвика доза на несигурност и да биде потребно дополнително време додека луѓето да се навикнат да и веруваат на оваа технологија.
Резултатите од истражувањето се објавени во „Science Translational Medicine“.