Со години експертите за безбедност на податоците бараа разни начини како да осмислат лозинка која хакерите не можат да ја откријат.
Смислуваа разни комбинации од букви и броеви, посебни знаци, а во последно време и цели фрази кои лесно се помнат, но истовремено постојано треба да се менуваат.
Но, денес се повеќе компании ширум светот се откажуваат од лозинките и се потпираат на многу посилна заштита – биометриски маркери.
Биометриската автентификација го користи лицето, отпечатоците од прстите или скенирање на рожницата со цел брзо да потврди нечиј идентитет.
Производителите на паметни телефони веќе спроведоа отклучување по пат на биометриска автентификација, а сега се почесто таквиот начин се користи и за отклучување на компјутери па дури и врати.
Според некои истражувања, дури 90% од компаниите до 2020 година ќе користат биометриска автентификација.
Сепак ни овој начин за жал не е 100% сигурен. И биометриските податоци можат да се пробијат и злоупотребат.
Експертите веќе покажаа како е можно да се “излажат” читачите на отпечатоци од прсти и камерите за вчитување на лица.
Се поставува прашањето за приватноста, односно заштитата на таквите биометриски податоци. GDRP директивата која во мај ќе стапи во сила во ЕУ, ќе бара согласност од граѓаните за користење на нивните биометриски податоци.
Некои компании развиваат нови методи за заштита врз основа на однесувањето на корисникот – во која положба го држи телефонот кога го користи, како прелистува по екранот и слично.
Во моментов, банките и другите финансиски институции се најзаинтересирани за таквиот начин на идентификација на корисникот.