Пред 66 милиони години, ненадејното исчезнување на диносаурусите предизвикало подем на цицачите, кој резултирал со владеење на човештвото на Земјата.
Климатските научници сега реконструирале како малите капки на сулфурна киселина високо во воздухот по добро познатиот удар на големиот астероид и блокирање на сончевата светлина за неколку години, имале влијание врз животот на Земјата. Растенијата изумреле и смртта се проширила и во синџирот на исхрана.
Претходните теории се фокусирале на прашината исфрлена од ударот. Новата компјутерска симулација покажува дека капките резултирале со долготрајно ладење, што најверојатно придонело за смрт на диносаурусите кои живееле на Земјата. Дополнително влијание може да имало и интензивното мешање на океаните, предизвикано од ладењето на површината, сериозно нарушувајќи ги морските екосистеми.
„Големиот студ кој следел по ударот на астероидот кој го формирал кратерот Чиксулуб во Мексико е пресвртна точка во историјата на Земјата. Сега можеме да придонесеме за нови сознанија за разбирање на многу дебатираната причина за смртта на диносаурусите“ – изјавува Јулија Бругер од Институтот Постдам за истражување на климатските влијанија.
За да го испитаат овој феномен, научниците за прв пат користеле специфичен вид на компјутерска симулација која вообичаено се применува во различни контексти, климатски модел на спојување на атмосфера, океан и мраз.
Ова истражување покажало дека сулфурните гасови кои испариле од ударот на астероидот во Земјината површина се главниот фактор за блокирање на сончевата светлина и ладењето на Земјата.
„Станало ладно, навистина ладно. Глобалната средна годишна температура се намалила за најмалку 26 степени Целзиусови. Диносаурусите не биле навикнати на таква клима. По ударот на астероидот, просечната годишна температура била под точката на смрзнување за околу 3 години. Очигледно, се проширил и мразот. Дури и во тропските предели, средната годишна температура опаднала од 27 на само 5 степени“ – вели Бругер.
„Долгорочното ладење предизвикано од аеросолите на сулфат било позначајно за масовното истребување од прашината која останала во атмосферата релативно кратко време. Тоа било исто така позначајно и од локалните настани како што е големата жештина во близина на ударот, пожарите и цунамите“ – додава ко-авторот Џорџ Фулнер кој го предводи истражувачкиот тим. Тие сметаат дека на климата и биле потребни 30 години за да закрепне.
Покрај ова, и океанската циркулација се нарушила. Површинските води се оладиле со што станале погусти, а со тоа и потешки. Додека оваа маса на поладна вода потонала во длабочините, потоплата вода од подлабоките слоеви на океанот излегла на површината, носејќи хранливи состојки кои најверојатно довеле до масовно цутење на алгите. Можно е овие алги да предизвикувале токсични супстанции, што дополнително влијаело на животот на бреговите. Во секој случај, морскиот екосистем бил сериозно разнишан, а тоа најверојатно придонело за исчезнување на видовите во океаните, како што се амонитите.
Па диносаурусите, дотогашните господари на Земјата, направиле простор за зголемување на бројноста на цицачите, и на крај на човештвото.
Проучувањето на минатото на Земјата покажува дека напорите да се учат идните закани од астероиди имаат повеќе од само академски интерес.
„Фасцинантно е да се види како еволуцијата е делумно водена од една несреќа како удар на астероид. Масовното изумирање ни покажува дека животот на Земјата е ранлив. Исто така, ни покажува колку е важна климата за сите форми на живот на нашата планета. Иронично, денес непосредната опасност не доаѓа од природното ладење туку од глобалното затоплување предизвикано од човекот“ – додава Фулнер.