Запознајте ги 5-те најинтересни егзопланети во вселената

Од 2010 година па досега, се откриваат по околу 100 нови егзопланети секоја година и како што листата се зголемува, така овие откритија стануваат се’ помалку интересни. За повторно да ви ја разбудиме заинтересираноста за овие планети, ги издвојуваме 5-те најинтересни, најчуди и најекстремни егзопланети коишто се откриени досега.

„HD 189773b“

На нашата планета врне дожд. На оваа планета врне стакло.

1Оваа гасовита џиновска планета со големината на Јупитер за прв пат е откриена во 2005 година и се наоѓа на оддалеченост од околу 63 светлосни години од нас. Орбитира многу блиску и многу брзо околу својата матична ѕвезда HD 189733“ со брзина од 152,5 километри на секунда и достигнува температури до 1000 степени Целзиусови. По боја е слична на Земјата, но научниците сметаат дека сината боја е резултат на присуството на силикатни честички – мали парчиња стакло, кои се распрскуваат низ нејзината атмосфера благодарение на силните ветрови кои достигнуваат брзини до 7.000 километри на час.

„55 Cancri“

2Оваа карпеста планета е оддалечена околу 41 светлосна година. Два пати поголема од нашата планета и со 8 пати поголема маса, оваа егзопланета е позната и како „Супер Земја“. Според истражувањата од 2012 година, содржи слој на графит и дијаманти веднаш под површината. А под оваа мешавина се наоѓа уште подебел слој од претежно чисти дијаманти. Вкупно, овие материјали сочинуваат ⅓ од нејзината вкупна маса.

Но, пред да се решиме да патуваме 40 светлосни години до светкавата Супер Земја, да ги споменеме и поновите истражувања кои велат дека соодносот на јаглерод и кислород е понизок од очекуваното. Ако составот на оваа планета наликува на составот на нејзината матична ѕвезда, тоа значи дека нема доволно јаглерод за да формира дијаманти.

„HAT-P-7b“

3Оддалечена повеќе од 1.000 светлосни години, оваа планета орбитира околу својата ѕвезда во погрешната насока.

Повеќето планети орбитираат во истата насока во која нивната матична ѕвезда ротира, но во 2008 година астрономите ја открија оваа егзопланета со големина на Јупитер која орбитира во спротивната насока. Ова обратно движење претставуваше мистерија се до минатата година кога научниците открија втора ѕвезда и надворешна планета во истиот систем, што значи дека гравитацијата на нејзиниот сосед може да е одговорна за нејзината невообичаена орбита.

„PSRB1620-26b“

4Земјата е стара околу 4,5 милијарда години, но тоа не е ништо во споредба со најстарата позната егзопланета. Оваа егзопланета е стара дури 13 милијарди години и се наоѓа на илјадници светлосни години од Земјата.

Кога била прв пат откриена во 1994 година, научниците сметале дека е мала ѕвезда, за потоа во 2003 година да се покаже дека најверојатно е гасовита џиновска планета 2,5 пати помасивна од Јупитер.

„TrES-2b“

5Рефлектираната светлина ги прави планетите видливи. На оддалеченост од 750 светлосни години од нашата бледа плава точка се наоѓа темен црн свет кој рефлектира само 1% од сончевата светлина. „TrES-2b“ е гасовита џиновска планета со големина на Јупитер која за прв пат е откриена во 2006 година. Орбитира околу својата ѕвезда на оддалеченост од само 4 милиони километри поради што достигнува температури поголеми од 980 степени Целзиусови, а сепак рефлектира помалку од 1% од сончевата светлина што паѓа на неа. Тоа ја прави поцрна дури и од јагленот, поради тоа се смета за најтемната планета што е досега откриена. Научниците се’ уште не знаат зошто е ова вака, но претпоставуваат дека хемикалиите што се наоѓаат во атмосферата на планетата може да ја апсорбираат светлината.

Поддржете ја нашата работа: