Германската организација „Tune it! Safe!“, која промовира безбедно унапредување и преправка на сериски модели на автомобили, и го отстапи преправениот и надграден „Ford Mustang V8 GT“ на полицијата на една година.
Оваа организација е основана во 2005-та година, со цел да го промовира безбедното и одговорното преправање на автомобили, со тоа што унапредените возила би се вклопиле во веќе постоечките законски норми во Германија.
Засега полицискиот мустанг, наместо да се вози по автопат, во наредните 12 месеци ќе ги посетува саемите за автомобили, со цел да ја подигне свеста на ентузијастите и возачите околу потребата од доизработка на нивните автомобили во склад со сообраќајните прописи.
За „тјунингот“ на ова патролно возило, одговорна е фирмата „Wolf Racing“, поради која и самото возило е преименувано во „Wolf Wide 5.0”. Во однос на сериската верзија, автомобилот доби специјални 20 инчни алуминиумски бандажи на кои се намотани „Hankook“ пневматици, потоа подесливо навалување, аеродинамички сет со заден дифузер и голем спојлер, како и нов спортски издувен систем.
Со оглед на тоа што се работи за полициски автомобил, вградена е целосно неопходната светлосно-звучна сигнализација.